Јас никаде не кажав кој ќе биде тој што ќе го управува делот за добро владеење. Реков дека, како што имаме секретар кој врши мониторинг на реализацијата на програмата на Владата, ќе имаме и секретар за добро владеење. Тоа не значи дека ќе биде истото лице и нема да биде истото лице, вели Мицкоски
Јавноста ќе биде благовремено информирана, вели премиерот Христијан Мицкоски на прашањето кој ќе биде назначен за секретар на Владата за добро владеење. По тврдењата на СДСМ дека актуелниот секретар во Владата за јавни политики, координација и следење на реализацијата на владините програми, Димитар Димовски, ќе биде „унапреден“ со нов ресор, Мицкоски негира.
„Прво, јас никаде не кажав кој ќе биде тој што ќе го управува делот за добро владеење. Реков дека, како што имаме секретар кој врши мониторинг на реализацијата на програмата на Владата, ќе имаме и секретар за добро владеење. Тоа не значи дека ќе биде истото лице и нема да биде истото лице“,
рече Мицкоски.

Во однос на обвинувањата за осудуваност, Мицкоски го повтори ставот дека Димовски е жртва на политичка хајка од претходната власт.
„Димитар Димовски, како и десетици и стотици луѓе од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ кои беа дел од политичка хајка на криминалната влада на СДСМ и ДУИ, кои СЈО го користеа како политичка алатка за да ја распродава државата и да си обезбеди привилегии, сум го коментирал многупати во минатото и нема да го коментирам“,
додаде Мицкоски.
Претходно од СДСМ обелоденија, како што го нарекуваат, нов скандал во однос на владината реконструкција – намерата на премиерот да го назначи Димитар Димовски на чело на владиниот ресор за добро владеење. Од партијата порачаа дека тој треба да биде разрешен и од актуелната позиција во Кабинетот на Мицкоски.
„Како може лице условно осудено за злоупотреби, бизнис-партнер на Мицкоски, да биде задолжено за добро владеење, борба против корупцијата, судир на интереси? Со криминална организирана група на власт можно е. Во ниту една нормална демократска и европска земја ова не е можно. Ова е врв на политичкиот цинизам и потврда на сѐ што досега говориме: цела влада е ставена во функција на бизнис-интересите на Мицкоски и на ВМРО-ОКГ“,
кажа Фрчкоски.
