Покрај Чавков, сведочеше уште еден првостепено осуден во претходниот судски процес за случајот „27 април“, а одбраната на Јанакиески и Ристовски смета дека успеала да го дискредитира исказот на Александар Василевски-Нинџа
Поранешниот министер за внатрешни работи и ексдиректор на БЈБ, Митко Чавков, денеска повторно се најде во судница за настаните од 27 април 2017 г. во Собранието, но овој пат како сведок.

Тој во првиот судски процес за упадот во парламентот доби највисока затворска казна од првостепениот суд од 18 години, како тогашен директор на БЈБ, и од притвор ја чека правосилноста на пресудата.
Денеска, во судот сведочеше по предлог на одбраната на ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, кои се меѓу обвинетите за организацијата на настаните од крвавиот четврток.
„Ниту со еден од двајцата ниту со кој било надвор од МВР сум имал комуникација. Единствена таква комуникација некаде околу 20:30 часот беше со Никола Груевски. Ми се јави, се интересираше за состојбите, евидентна беше неговата загриженост. Кога Груевски се јави, веќе имавме полициски формациски сили кои беа консолидирани и се применуваа средства за присила, беа исфрлени повеќе шок-бомби, тогаш веќе ја имавме ситуацијата под контрола, течеше процесот на евакуација“,
сведочеше Чавков.
Во голем дел од неговото сведочење тој зборуваше за неговите лични активности, што правел и каде бил на 27 април 2017 година и потенцира дека не е точно дека бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ како што тврди Александар Василевски-Нинџа, кој сведочеше дека команди се давале од штабот.
За Нинџа, рече Чавков, претходно му било познато дека е дел од криминалното милје и против него имало и кривични пријави, но лично не го познавал и првпат го видел кога двајцата седнале на обвинителна клупа во претходниот судски процес.
Како и во случајот каде што беше обвинет, и тука поранешниот директор на БЈБ тврдеше дека попладнето на критичниот ден бил во зградата на „Технометал Вардар“ и оттаму комуницирал со полициските службеници, а целосно изненадување за нив било тоа што се отвориле вратите.
Потоа, судијата Илија Трпков го праша дали е тоа можно, а Чавков посочи дека, знаејќи го степенот на обезбедување во Собранието и механизмот на влезните врати, немало шанси да се отворат ако тоа не го направи некој однатре.
„Зарем некој настан што се обезбедува, а каде што нема врати, 200 полицајци не можат да обезбедат?“,
праша судијата, а обвинителката Вилма Русковска го поправи дека немало доволно полицајци, односно биле 70.
Тоа, рече Чавков, зависи од проценката, одлучноста и енергичност на старешината на терен и дека нема грешки во командувањето, туку можеби има пропусти во проценките како да се интервенира.
Кољо контра Нинџа
Денеска сведочеше уште еден од првостепено осудените во првиот судски процес, Никола Митревски-Кољо, другар на Нинџа. Тој не сакаше да зборува што се случувало дента на 27 април, бидејќи рече дека има постапка против него која не е правосилна и не сака да си наштети, но одговараше на прашања во врска со тоа што се случувало пред и по 27 април. Рече дека по настаните Нинџа не му кажал дека дента бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ или дека комуницирал со Јанакиески и Ристовски.

„Слушав и невистинитост и сакам сите да ја знаат вистината. Во сведочењето, Нинџа, кој ми е кум, кажа дека дента на 27 април 2017 Владимир Атанасовски ми се јавил мене во негово присуство. Тоа не е точно. Се колнам во моите деца, дека немам таков повик“,
рече Кољо за Атанасовски, кој исто така е на обвинителна клупа како поранешен директор на УБК.
Обвинителката Вилма Русковска немаше прашања за денешните двајца сведоци, кои ги обвини во претходниот судски процес, а одбраната, пак, смета дека со овие сведочења го дискредитираат Нинџа и не може врз основа на неговиот исказ да се донесе осудителна пресуда.
Покрај споменатите ексфункционери Јанакиески, Ристовски и Атанасовски, обвинет за организацијата е и поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски. Тие се гонат за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а судењето е во фаза на испитување сведоци на одбраната.
За денеска е предвидено да се сослушаат уште неколку сведоци, меѓу кои и Емил Димитриев, Кирил Божиновски и Иво Котевски.