Информацијата дека осомничениот за убиството Љупчо Палевски е во Бугарија ја соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференцијата заедно со јавниот обвинител Гаврил Бубевски
Бугарското Министерство за внатрешни работи денеска објави дека до моментот нема информации дека на бугарска територија е човек кој е поврзан со киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје.
„Немаме податоци дека за него има меѓународна потерница“,
соопшти МВР на Бугарија, јави БТА.
БТА потсетува дека доцна синоќа три лица се приведени во Северна Македонија за убиство на 14-годишно девојче од Скопје и 74-годишен велешанец.
Информацијата дека осомничениот за убиството Љупчо Палевски е во Бугарија ја соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференцијата заедно со јавниот обвинител Гаврил Бубевски.
„Тоа лице заедно со неговиот адвокат на 30 ноември заминало во Белград, а потоа, следниот ден во Бугарија“,
рече Спасовски.
Посочи дека против осомничениот претходно имало поведенo неколку прекршочни постапки.
„За една постапка која беше на територија на ОВР Прилеп има покренато и кривична пријава“,
додаде министерот.
Спасовски дополни дека за лицето ќе биде издадена меѓународна потерница.
Адвокатот на првоосомничениот за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, Васко Стојков, за ТВ Телма изјави дека го однел Љупчо Палевски-Палчо во Белград на преглед затоа што немал возило и не знаел дека е вмешан во двете убиства.
„Ме замоли да го однесам во Белград бидејќи немал возило, а не можел да обезбеди нотар да му се преведе возилото. Јас не знаев ништо за оваа работа. Знам дека требаше да оди во Белград, кажуваше дека закажал прегледи. Ако е така, му реков, ќе те однесам. Не знаев за овие работи. Јас се вратив во Скопје, тој остана затоа што требаше да има прегледи и другиот ден. Рече дека ако е сè во ред ќе се врати назад. Ако не е во ред, рече ќе одел во Истанбул. Кога се вратив, полицијата правеше претреси, ме прашаа и тогаш им кажав“,
објасни адвокатот Стојков во телефонски разговор за Телма на прашањето зошто бил со Палевски кога тој ја напуштил државата.