Во текст насловен „Софија има голем проблем со Скопје, а не банален спор за историјата“, Mediapool.bg, повикувајќи се на дипломатски извори, ги објавува барањата на бугарската страна: добрососедските односи да бидат критериум за членство во ЕУ, да се користи официјалното уставно име „Република Северна Македонија“, а формулацијата за јазикот да биде „официјален јазик“…
Добрососедските односи да бидат критериум за членство на С Македонија во ЕУ, да се користи официјалното уставно име на државата Република Северна Македонија, а не краткото Северна Македонија и формулацијата за јазикот да биде „официјален јазик“ на земјата-кандидат, а не „македонски јазик“. Тоа се трите основни услови што Бугарија настојува да бидат вклучени во преговарачката рамка, јави Mediapool.bg, повикувајќи се на дипломатски извори.
Во текстот насловен „Софија има голем проблем со Скопје, а не банален спор за историјата, Mediapool пишува дека министерскиот совет, на кој ќе се одлучува за преговарачката рамка е одложен за 17 ноември. Бугарските барања, кон крајот на минатиот месец, како што се наведува, пред КОРЕПЕР 2 ги претставил постојаниот претставник на Софија Димитар Ценчев, но тие не се објавени.
„Поддршката од ЕК и нереално позитивните оценки што нејзините експерти ги даваат за добрососедските односи, ја поткрепуваат издржаноста на нашето барање да има одделна преговарачка глава, така што државите членки би имале свој глас во подготвувањето на оценките, со оглед на необјективноста на Комисијата“,
рекол Ценчев во дискусијата за која дознава Mediapool.
Во однос на барањето за употреба на официјалното уставно име на земјава, Mediapool пренесува дека забелешката на бугарската страна е дека краткото име упатува и на географски регион, во чии рамки влегува и дел од територијата на Бугарија, така што треба да се истакне дека станува збор за државно-политички субјект Република Северна Македонија.
Во однос на јазикот, како што пренесува бугарскиот медиум, се бара да се примени формулацијата што е веќе испробана во примерот со Црна Гора „официјален јазик на страната – кандидат“.