На прашањето дали Бугарија треба да стави повторно вето на Северна Македонија за членство во ЕУ, Донев рече дека тоа не е најправилното решение, туку треба да се бара позитивен дијалог и патишта за да се приближат позициите

Бугарскиот премиер Галаб Донев, во интервју за БТВ вели дека Бугарија не сака да се меша во внатрешните работи на Република Северна Македонија.
„Уставните измени и носењето други закони секоја држава треба да ги решава согласно внатрешната практика. Не е точна интерпретацијата дека ние сме сакале да учествуваме во тој процес“,
рече Донев.
Тој во интервјуто потсетува дека земјава презела ангажман да ги вклучи Бугарите во Уставот заедно со сите останати наброени народи, со што, како што рече, ќе им бидат гарантирани нивните права.
Според него, нормално е Република Северна Македонија да ја исполни преземената обврска, која не е само кон Бугарија, туку кон сите земји членки на ЕУ.
„Затоа што Република Северна Македонија потпишувајќи го договорот за присоединување и отпочнување преговори со ЕУ, го потпиша тој договор со сите земји членки“,
вели тој.
На прашањето дали Бугарија треба да стави повторно вето на Северна Македонија за членство во ЕУ, Донев рече дека тоа не е најправилното решение, туку треба да се бара позитивен дијалог и патишта за да се приближат позициите.
„Бидејќи Република Северна Македонија има желба да стане членка на ЕУ, треба да ги почитува принципите врз кои се темели Унијата“,
изјави Донев.
Желбата на Бугарија да биде дел од овој процес пред два дена ја кажа шефот на бугарската дипломатија Николај Милков во Брисел, велејќи дека би сакале да бидат дел за процесот да тече непречено и за да може да се консултираат со македонската страна за овие прашања.
„Како што дознаваме, се разговара за варијанти на идните текстови со кои би се променил Уставот. Ние би сакале да бидеме дел од овој процес за да се одвива непречено и би сакале да се консултираме со нив за овие прашања. Во оваа смисла, вчера имав краток разговор со министерот Бујар Османи и се надевам дека ќе одговорат“,
изјавил Милков, пренесе БТА.
Ова наиде на остри реакции во земјава. Претседателот Стево Пендаровски тоа го оцени како скандалозно и рече дека такви барања не упатуваат ниту окупатори.
Премиерот Димитар Ковачевски, повторувајќи ја реакцијата и на МНР, вчера порача дека уставните измени се внатрешно прашање и нема ниту можност ниту политичка волја некој трет од страна да биде вклучен во тоа.
Милков, пак, вчера на брифинг со новинарите, како што пренесоа бугарските медиуми, појаснил дека „процесот на промена на Уставот секако е внатрешна работа на Република Северна Македонија“, но, притоа нагласил дека „Бугарија нема да прифати никаква формулација со која на македонските Бугари ќе им се додели статус што на кој било начин е различен од оној на другите уставно признаени делови од народите во Република Северна Македонија“.