Амбасадорката на САД денеска разговарала со лидерите на коалицијата која продолжува со блокадите на парламентот
Американската амбасадорка во Северна Македонија Кејт Брнз денеска разговарала со лидерите на Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, со цел да ја истакне потребата да бидат конструктивна и ангажирана опозиција, објави Амбасадата на САД на својот Фејсбук профил.
„Амбасадорката Брнз ги охрабри двајцата лидери да соработуваат со другите, со цел да ги надминат предизвиците со кои се соочува земјата во моментот, “
посочува Амбасадата на САД.
Коалицијата Алијанса на Албанците/ Алтернатива претходно објави дека останува на ставот дека пописот не треба да се одложи, најави амандмани на измените на Законот за попис и ја повика ДУИ да помогне за, со Бадентер, да се оневозможи промена на терминот за спроведување на статистичката операција.
Во меѓувреме, Собранието ја почна 38. седница со двете точки на дневен ред, одложување на пописот што би се одржал од 5 до 30 септември, како и измена на Изборниот законик со кој се предвидува употреба на терминали за отчитување на отисок од прсти на локалните избори, што исто така ќе бидат одложени за втората половина на октомври.