Од опозициската коалиција најавија амандмани на законските измени за одложување на пописот, за кои наскоро треба да почне комисиска расправа
Коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива најави амандмани на измените на Законот за попис, за чие донесување попладнево почна постапката во Собранието, каде што беа обезбедени 95 гласа за утврдување на потребата за донесување на регулативата по скратена постапка.
Законот, обележан со европско знаме, сега оди на комисиска расправа, која може да трае два дена и кога, исто така, може да се поднесуваат амандмани.
Во изјава пред почетокот на седницата, координаторот на пратеничката група на Алијанса и Алтернатива, Скендер Реџепи, изјави дека во ниту еден случај нема да дозволат се одржи заседанието сѐ додека не дојдат сите пратеници од нивната пратеничка група.
„Денеска и службено се докажа дека Талат Џафери и демократијата се два различни поима. Во 12:15 добиваме порака за седница, што треба да се одржи во 13 часот. Замислете како би можеле пратениците кои се од внатрешноста да стигнат во Скопје за само 45 минути. Тоа е една игра, манипулација со правата на пратениците кои се во Собранието, што не му доликува ниту на претседателот на Собранието, ниту на мнозинството, кое ја искреира оваа манипулација“,
рече Реџепи.
Тој нагласи дека остануваат на ставот дека не треба да има одложување на пописот, дека тоа и сега не е можно, бидејќи требаше да се стори до вчера.
„Повикуваме на разум и свест кај албанските пратеници, да се искористи Бадинтер и да го оневозможиме одложувањето, бидејќи барањето на двајцата моноетнички лидери Заев и Мицкоски не беше од здравствени причини, туку тотално од политички, од страв дека Албанците ќе бидат повеќе од тоа што планирале, а Македонците со бојкотот ќе се докаже дека се помалку. Таква политичка игра нема да дозволиме“,
порача Реџепи.
Тој информира дека ќе поднесат амандмани на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за попис. Според албанската опозициска коалиција, Државниот завод за статистика, кој денеска информирал дека нема да го почне пописот на терен, прави кривично дело.
„Ова одбивање за да се спроведе законот е силен удар врз принципот на правна сигурност, како основен концепт на правна држава. Го повикуваме Обвинителството итно да ги преземе потребните мерки за зачувување на правната држава и владеењето на правото, со тоа што ќе отвори случај против директорот и заменик-директорот на ДЗС. Го потсетуваме Обвинителството за тоа што вели законот за попис во членовите 16 и 18“,
нагласуваат од коалицијата и посочуваат на членовите според кои ДЗС се грижи за законитоста при подготовката, организацијата и реализацијата на пописот.