Заменикот -помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија го охрабрил раководството на ВМРО-ДПМНЕ да соработуваат за решавање на предизвиците, вклучително со надминување на разликите со Бугарија и обезбедување успешен попис
За САД е од голема важност најновиот НАТО-сојузник да има стабилни управувачки институции кои демонстрираат евроатлантски вредности, а особено конструктивна и ангажирана опозиција, гласи пораката што му ја упатил денеска на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски американскиот заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија Метју Палмер.
Како што соопшти амбасадата на САД во Скопје, во денешниот телефонски разговор, Палмер ги охрабрил Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да соработуваат за решавање на предизвиците со кои се соочува земјата, вклучително со надминување на разликите со Бугарија и обезбедување успешен попис на населението, што е, како што се наведува, важна статистичка алатка за да се обезбеди подобро управување.
Телефонскиот разговор на Мицкоски со американскиот дипломат се реализира пред најавената тет-а-тет средба во Клубот на пратениците, што ја инцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, а премиерот Зоран Заев ја прифати. До договорот за средба дојде поради отежнатиот дијалог меѓу политичките партии во Собранието, со што, практично, е блокирана законодавната власт.
.
Освен одбивањата на опозицијата да присуствува на собраниските седници во моменти кога е потребен кворум и честите блокади на законите преку поднесување стотици амандмани, ВМРО-ДПМНЕ притиска и за одложување на пописот, чија теренска фаза треба да почне следната седмица.
За разговорот Палмер-Мицкоски, два часа по соопштението од амбасадата на САД, извести и ВМРО-ДПМНЕ. Во партиското соопштение се посочува дека американскиот дипломат и опозицискиот лидер разговарале за актуелните политички и општествени случувања во земјава, како и за исполнувањето на стратешките приоритети. Во разговорот, како што се посочува, беше потврдено стратешкото пријателство со САД и посветеноста во исполнување на агендата поврзана со НАТО и потребните демократски вредности.
Како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски ја истакнал потребата за почитување на принципите за владеење на правото и правната држава, како и неопходноста од реформи кои ќе значат одлучна борба против криминалот и корупцијата.
„Воедно беше истакната потребата од дијалог на највисоко ниво за клучните прашања, важни за граѓаните и за заедничкиот напредок. Во разговорот, од страна на Мицкоски, беше посочено дека се потребни квалитетни решенија за престојниот попис на населението, како и конечен договор со источниот сосед, кој нема да опфати какви било национални и идентитетски отстапки. Нашиот источен сосед ќе поддржи одржување на меѓувладина конференција, без дополнителни условувања, а билатералните прашања да се решаваат надвор од процесот на интеграција на Македонија во ЕУ“,
се наведува во партиското соопштение.