Министерот за внатрешни работи Александар Вулин пак, рече дека не се работело за прошетка, туку дека полицијата само ги спровела учесниците на „Европрајд“ до местото на одржување на концертот
Српската премиерката Ана Брнабиќ по одржувањето на прошетката на „Европрајд“ во Белград, на вонредна прес-конференција изрази благодарност до мнозинството граѓани на Србија за покажаната „толеранција, разбирање и на прво место грижата за државата“.
„Имавме ден кој помина без поголеми инциденти и во мир и горда сум на тоа. Посебна благодарност им должиме на припадниците на МВР и БИА, бидејќи тие се оние кои се погрижија Белград денеска да биде безбеден и сигурен град и да ги сузбијат инцидентите. Немаше голем број инциденти, ниту пак беа вклучени голем број луѓе во нив“,
рече Брнабиќ.
Таа наведе дека биле ангажирани 5 200 полицајци, од кои десетмина се повредени во судирите со противниците на одржување на „Европрајд“.
Брнабиќ оцени дека Србија покажала дека е сериозна држава, која ги почитува правата на сите граѓани.
„Направивме се на најдобар можен начин, конечно завршивме со оваа тема, ставивме крај и се свртивме кон поважни работи. Претседателот (Александар) Вучиќ денеска отпатува за Њујорк, каде ќе има низа средби за време на заседанието на ОН. Утре рано наутро ќе заминам за Лондон. Се свртуваме кон други работи“,
посочи Брнабиќ.
Министерот за внатрешни работи Александар Вулин пак, рече дека не се работело за прошетка, туку дека полицијата само ги спровела учесниците на „Европрајд“ до местото на одржување на концертот.
„Како што објавивме претходно, МВР не им дозволи на учесниците на „Европрајд 2022“ да се шетаат по булеварот Краља Александра, но припадници на МУП ги спроведе учесниците на оваа манифестација од Уставниот суд преку паркот Ташмајдан до местото на одржување на концертот. Сите учесници на оваа манифестација беа безбедно спроведени до концертот“,
изјави Вулин.
Прошетката на припадниците и симпатизерите на ЛГБТИ популацијата во рамки на „Европрајд“, што почна пред зградата на Уставниот суд во центарот на Белград, заврши околу 18 часот во близина на стадионот Ташмајдан, без поголеми инциденти.
Откако беше забрането поворката да се движи од Собранието до Калемегдан, маршот со дозвола од МВР се одвиваше од Уставниот суд до Ташмајдан.
Програмата „Европрајд“ продолжува на Ташмајдан, каде се најавени концерти на Сенида, Сара Јо и други.
Организаторите изјавија дека на денешната прошетка се собраа речиси 10 000 луѓе и се борат за еднаквост, солидарност и човекови права.
„И покрај сите забрани, Белград рече дека сака љубов! Речиси 10 000 луѓе се собраа денеска да се борат за еднаквост, солидарност и човекови права. Белград ја имаше најголемата Прајд досега и сите треба да се гордееме со тоа. Се боревме и успеавме да прошетаме во градот каде што припаѓаме. Посебна благодарност им должиме на волонтерите кои во исклучително тешки услови се грижеа за безбедноста на учесниците на Прајд и придонесоа за одржување на повеќе од 130 настани во рамките на неделата на Европрајд“,
изјавија од организацијата.
Пред почетокот на прошетката, Владимир Билчик, известувачот на Европскиот парламент за Србија, одржа говор во кој рече дека почитувањето на човековите права и слободи е суштината на модерна Европа и дека најдобрата вест е што луѓето дојдоа во голем број на денешниот настан.
Билчик истакна дека почитувањето на различностите не е само основа на европските вредности, туку и духот на Европа.
„Многу сум среќен што Белград денеска може да го покаже европскиот дух. Белград и Србија ни покажуваат гостопримство, прифаќање и почит. Важно е суштината на денешницата да остане тука долго откако утре ќе заврши последниот настан на ‘Европрајд’. Борбата за европската иднина на Србија мора да продолжи уште порешително по оваа недела“,
рече Билчик и додаде дека е многу среќен што денеска е во главниот град на Србија.
„Среќен сум што сум тука со многу европратеници за да ја поддржам слободата и вистинските европски вредности. Јас сум тука пред вас не само како европски политичар, туку како некој што се бори за еднаквост. Без разлика на проблемите во претходниот период, тука сме и тоа е најдобрата вест“,
заврши Билчик.
Веднаш по почетокот на прошетката, еден од демонстрантите, односно противник на манифестацијата „Европрајд“ успеа да ја пробие оградата кај црквата ,,Свети Марко” за да се доближи до Уставниот суд, но тој набрзо беше спречен од полицијата.
Околу пладне почнаа првите инциденти пред одржувањето на прошетката. Како што јави „Н1“, двајца учесници на собирот против „Европрајд“ се приведени во близина на црквата „Свети Марко“, откако фрлале шишиња кон автомобили, ги пцуеле насобраните новинарски екипи и почнале да се расправаат со полицајци.
Расчинетиот монах Антоније со шише го удрил снимателот на „Н1“ во стомакот. Противниците на „Европрајд“ ја нападнаа полицијата, а расчинетиот монах е приведен. Полициските сили запреле триесетина граѓани, меѓу кои бил и монахот во близина на Главната пошта на улицата ,,Таковска”.
Белград е годинашен домаќин на паневропскиот настан на кој учествуваат претставници од голем број држави. Истовремено, „контра-прошетка“ и собир против „Европрајдот“ беа најавени за попладнево пред храмот ,,Свети Сава“ поради што има засилено полициско обезбедување.
Европската асоцијација на гордоста (European Pride Organisers Association – EPOA) денеска соопшти дека по неколкунеделен интензивен меѓународен притисок, одлучено е „Европрајд 2022“ да се одржи во Србија.
Претседателката на ЕПОА, Кристин Гарина ја поздрави изјавата на премиерката Ана Брнабиќ за одржувањето на маршот во Белград.