Освен лидерот на ОМ, патот на лекување во Инфективната клиника го поминаа и други политичари. Меѓу нив и претседателот на Собранието, Талат Џафери, и пратениците Милошоски и Зибери…
Лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, потврди на Фејсбук дека е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје, но вели дека се чувствува добро.
„Поради зголемениот интерес за мојата здравствена состојба, многу луѓе ме прашуваат како сум и не можам да им одговорам на сите. Затоа, ве известувам дека сум на Инфективна клиника, примам терапија уште 3-4 дена. Состојбата ми е подобра, се чувствувам одлично. Голема благодарност до медицинскиот персонал и моите сопартијци кои ми даваат поддршка и се тука за мене“,
напиша Бошкоски.

Бошкоски уште минатата недела изјави дека е заразен со коронавирусот. Тогаш рече дека е во изолација во родното село Челопек во Тетовско и дека се чувствува добро. Направил тест за ковид-19 затоа што сакал да патува во Хрватска, но се покажало дека е заболен.
Според последните официјални информации што вчера ги објави Министерството за здравство, на Инфективната клиника во Скопје се хоспитализирани вкупно 71 пациент. На кислородна поддршка се 46 пациент, нема пациенти на механичка вентилација.
Освен Бошкоски, патот на лекување во Инфективната клиника го поминаа и други политичари. Меѓу нив и претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој ја напушти клиниката по 11 дена лекување.
На Инфективна беше хоспитализиран и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, поради покачена температура, откако претходно објави дека неговата мајка е позитивна на ковод-19.
И пратеникот од редовите на ДУИ, Арбен Зибери, на почетокот на месецов заврши на Инфективната клиника поради коронавирусот. Неговата здравствената состојба беше актуелна при гласањето за нова влада во Собранието, кога тој гласаше од посебна просторија, според посебни здравствени протоколи.
И градоначалникот на скопската Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, беше хоспитализиран на Инфективната клиника. Откако ја победи заразата, повика сите да внимаваат и да ги почитуваат мерките за заштита.
Позитивни на вирусот беа и првиот човек на Чаир, Висар Ганиу, и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.