ЕУ нема да прифати Турција да ги користи мигрантите како средство за преговарање, порача шефот на европската дипломатија Жозеп Борел пред на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Загреб.
Владите на европските земји денеска ќе одлучуваат дали ќе обезбедат повеќе пари за справување со бегалскиот бран, но Борел потенцира дека нема да прифатат Турција со тоа да ги уценува.
„Турција носи голем товар и ЕУ мора тоа да го разбере. Но, истовремено, ние не можеме да прифатиме мигрантите да се користат како средство за притисок“,
нагласи Борел.
Истата порака до Турција пред три дена ја упати и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, пред посетата на највисоките претставници на ЕУ, кои беа да ја согледаат на самото место состојбата на грчко- турската граница.
Турција ја промени политиката и им го отвори патот на бегалците и мигрантите до европските земји, како притисок кон западните земји да ѝ дадат поддршка за конфликтот во Сирија.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се закани дека најмалку еден милион сириски бегалци се упатуваат кон Европа и во тоа вели нема намера да ги спречи. Ердоган ја обвини ЕУ дека не го испочитувала договорот за бегалците и не ги исплатила ветените 6 милијарди евра, наменети за сместување на 4 милиони сириски бегалци во Турција.
Миграцискиот бран во моментов е најголем на грчко-турската граница каде што и утрово имаше инциденти. Граничната полиција повторно се судри со мигрантите и бегалците на граничниот премин Еврос и употреби солзавец и шок-бомби.
За помош на Грција во справување со миграцискиот бран, Европската Унија пред два дена одлучи да даде финансиска помош од 700 милиони евра.
*Поврзани вести:
Ердоган до ЕУ: Не ги сакаме вашите пари!
По шест часа разговори, Ердоган и Путин се договорија за Идлиб
Солзавец, шок-бомби и водени топови: Нови инциденти на грчко-турската граница