Во обвинувања кон ЕУ, Ердоган доби поддршка од бугарскиот премиер Бојко Борисов кој, пак, добил уверување од Турција дека бугарската граница нема да се соочи со миграциски бран
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не прифаќа една милијарда евра помош од Европската Унија, со цел да ги затвори границите и веќе да не пушта мигранти и бегалци кон европските земји.
Ердоган ја обвини ЕУ дека не го испочитувала договорот за бегалците и не ги исплатила ветените 6 милијарди евра, наменети за сместување на 4 милиони сириски бегалци во Турција.
На прес-конференција со бугарскиот премиер Бојко Борисов, Ердоган повторно се закани дека најмалку еден милион бегалци и мигранти се упатуваат кон Европа и дека нема намера да ги спречи.
„Ние потрошивме повеќе од 40 милијарди евра. Ветените 6 милијарди евра од Брисел не ги добивме. Сега ветуваат дека ќе издвојат една милијарда евра. Кого лажете? Не ги сакаме веќе вашите пари, сами ќе ги најдеме“,
порача Ердоган.
Поддршка доби и од бугарскиот премиер Борисов.
„ЕУ гласаше овие пари да ги добие Турција, не можам да разберам зошто не се префрлени“,
изјави Борисов.
Европската комисија, пак, тврди парите ги исплатила во целост, иако ги исплатила на организации кои работат со мигрантите, а не директно во државниот буџет.
Инаку, на средбата Борисов добил уверување од Ердоган дека бугарско-турската граница ќе остане мирна и нема да се соочи со наплив на мигранти.
Бугарската граница во моментов е многу помирна од грчко-турската граница, каде што за неколку дена имало и повеќе од 13 000 обиди за нелегален влез во земјата.
Поврзани вести:
Ердоган за миграцискиот бран: ЕУ мора да сноси дел од товарот
Државниот врв во обиколка на границите поради миграцискиот бран