Солзавец и шок-бомби рано утрово биле фрлени од турска на грчка страна на граничниот премин кај Еврос, а грчката полиција одговорила со водени топови, објавија грчките медиуми.
По вчерашниот мирен ден, денеска повторно продолжија инцидентите, а и понатаму, остануваат групи бегалци и мигранти на турска територија и покрај затворената граница.
Според грчки владини извори, од саботата во шест часот наутро до вчера попладне до 18 часот биле спречени 36 649 случаи за нелегален влез во Грција од Турција, а уапсени се вкупно 252 лица.
Повеќето уапсени се од Авганистан (64 отсто), 19 проценти се од Пакистан, пет отсто од Турција, од Сирија се четири проценти, 2,6 отсто од Сомалија, а останатите 5,4 отсто од Ирак, Иран, Мароко, Етиопија, Бангладеш и Египет.
Челните луѓе на институциите на Европската Унија пред два дена одлучија да дадат финансиска помош за Грција од 700 милиони евра за решавање на мигрантското прашање.
Дополнително Европската агенција и крајбрежна стража Фронтекс ќе ѝ помогне со гранични полицајци, бродови, авион и хеликоптери.
Напливот на мигранти и бегалци дојде откако Турција реши повеќе да не ги запира оние што по копнен пат и по море заминуваа кон Европа, поради нападот врз нејзините сили во Идлиб каде што загинаа повеќе од 30 турски војници.
Претседателите на Русија и Турција, Путин и Ердоган, вчера во Москва постигнаа договор за прекин на огнот, кој стапи во сила на полноќ, и низа други мерки за решавање на ситуацијата во сириската провинција Идлиб. Од 15 март Руската Федерација и Турција ќе започнат заеднички патролирања низ автопатот М4 во Сирија од населбата Тромба до селото Аин ал-Хабр. Москва и Анкара се согласија за почитување на суверенитетот на Сирија и продолжување на борбата против тероризмот.