По средбата која траеше околу шест часа, претседателите на Турција и Русија, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин донесоа решение за кризата во сириската провинција Идлиб.
„Блиските лични односи меѓу лидерите на Руската Федерација и Турција ни овозможуваат да најдеме заеднички пристапи за решавање на меѓународните проблеми“,
изјави Путин, цитиран од ТАСС.
Тој додаде дека разговорите за Сирија се завршени во позитивна насока и истакна дека „Русија и Турција најдоа прифатливи решенија за проблемот во сирискиот Идлиб“.
„Москва и Анкара договорија документ за заедничко регулирање на ситуацијата во Сирија. Преговорите со Ердоган не беа лесни, но завршија позитивно“,
нагласи Путин.
Тој очекува дека „договорот на руско-турската средба на врвот во Москва треба да стави крај на страдањата на цивилите во Сирија“.
Турската и руската делегација спроведоа дипломатски преговори за потенцијален прекин на огнот во северниот дел на Сирија.
Од 15 март Русија и Турција ќе започнат заедничко патролирање низ автопатот М4 во Сирија од населбата Тромба до селото Аин ал-Хабр. Русија и Турција ја изразија својата подготвеност да се борат со сите појави на тероризам.
Борбите во сириската провинција Идлиб е договорено да прекинат денеска на полноќ.
Средбата меѓу Ердоган и Путин се одржа во услови на зголемени тензии во северниот дел на Сирија, провинцијата Идлиб. Речиси тричасовната средба меѓу двајцата претседатели беше проследена со состанок меѓу делегациите, што вкупно траеше околу шест часа.
На почетокот на состанокот, Путин изрази сочувство до Ердоган за неодамнешната смрт на турските војници во Идлиб, оценувајќи дека ситуацијата во сириската провинција е толку напната што бара нивни директни разговори.
Ердоган изрази надеж дека одлуките донесени на денешната средба ќе ја олеснат ситуацијата во северозападна Сирија, каде конфликтите ескалираа во последните неколку недели.
Говорејќи пред почетокот на средбата, Ердоган истакна дека односите меѓу Турција и Русија се во пораст и оти негова цел е да ги зајакне тие врски.
Тензијата во Турција е особено висока откако за еден месец во Идлиб загинаа повеќе од 50 турски војници, вклучувајќи 33 војници кои загинаа во последниот напад, минатиот четврток.
Турција испрати илјадници војници во Сирија за да ги спречи сириските владини сили да ја вратат контролата на провинцијата Идлиб и да им дадат логистика на опозициските сили во областа кои се практично опколени.