Изборот што ќе се направи, вели Бомгартнер, ќе биде одлучувачки за продолжување на модернизацијата на земјата, а во насока на реформите кои остануваат суштински, а кои не смеат повеќе да се одложуваат
Влеговме во фаза на историско забрзување и проширување. Останува прашањето дали македонскиот воз ќе биде еден од оние што ќе заминат или ќе останат подолго на перонот. Постои моментум, постои можност да се искористи, овде и сега, за европската иднина на Северна Македонија, рече амбасадорот на Република Франција Сирил Бомгартнер во однос на уставните измени чие усвојување е неопходен услов земјава да го продолжи европскиот пат.
Бомгартнер, во обраќањето на приемот организиран по повод францускиот национален празник „14 Јули“, рече дека повторно денес во Собранието треба да биде доставен предлог-закон кој се однесува на европската иднина на државата. Тоа, како што рече, е суверен избор што ќе треба да го направи Собранието и нема да навлегувам во детали. Но, би сакал да поставам прашање: дали треба да престанеме денес, од страв дека утре ќе мора да запреме?
„Компромисот што го постигнавме минатото лето не е совршен. Тоа е компромис. Но, неговата прва заслуга е што го овозможи ова заминување“,
нагласи Бомгартнер осврнувајќи се на преговарачката рамка.
Во текот на изминатите 365 дена, рече Бомгартнер, се разговараше многу на темата која се однесува на уставните амандмани и овие дебати досега не беа доволни за да се постигне политички консензус, но истите, вели тој, дозволија одредени појаснувања. Она што останува да се разговара, со дел од политичките кругови, додава тој, се условите поврзани со реформата, а не самата реформа.
„Во текот на изминатата година беше покажано големо охрабрување на европски план. Франција имаше свој удел во тоа, со последователните состаноци на највисоко државно и владино ниво во Прага, Тирана, Лондон и Братислава. Министерката за Европа, Бун, беше овде во ноември, а овој понеделник повторно доаѓа, овој пат заедно со нејзините колеги од Германија и Полска. Во исто време, се организираа четири посети на француски пратеници, а за наесен е предвидена и петта“,
најави Бомгартнер пред гостите на приемот – министри во Владата, пратеници, лидери на политички партии, претставници на бизнис заедницата, на академската заедница, од невладиниот сектор, поглавари на верските заедници, претставници на дипломатскиот кор и истакнати личности од јавниот живот.
Според него, периодот кој е пред нас е од клучно значење. Изборот што ќе се направи, вели Бомгартнер, ќе биде одлучувачки за продолжување на модернизацијата на земјата, а во насока на реформите кои остануваат суштински, а кои не смеат повеќе да се одложуваат, додава францускиот амбасадор.
Во говорот Бомгартнер се осврна и на билатералните односи меѓу Париз и Скопје во делот на економската соработка, со оценка дека на економски план нашите односи се зајакнуваат и дека тоа е неопходно.
Во следните месеци, навести амбасадорот, Француската агенција за развој се подготвува да ги иницира првите конкретни активности во земјата во партнерство со Македонската развојна банка. Во областа на обновливите извори на енергија, една од најиновативните и најреномирани француски компании, е подготвена да започне инвестиција која би била најголема во целиот регион на Западен Балкан од областа на сончевата енергија. Таа само чека позитивен сигнал, вели Бомгартнер.
Во свет кој стана понестабилен и позаканувачки, обележан со продолжување на воената агресија врз Украина, посочи амбасадорот, сите го препознавме и го поздравивме извонредниот и беспрекорен став на Северна Македонија за оваа тема.
„Кога треба да се направи избор, Северна Македонија е секогаш партнер од доверба“,
рече францускиот амбасадор Бомгартнер.