Европската комисија го поздрави ревидираниот француски предлог за преговарачката рамка за Северна Македонија и смета дека овозможува почеток на преговорите со ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.
„Го поздравуваме развојот на ситуацијата во однос на Бугарија и Северна Македонија, по француските предлози и благодарение на работата на француското претседателство кое ја заврши својата мисија минатата недела, направивме голем напредок по ова прашање“,
изјави Дана Спинант, портпаролка на Европската комисија на денешниот редовен брифинг за новинари во Брисел.
ЕК, додаде, е информирана за протестите против предлогот, кои се одржаа овој викенд во Скопје, како и за ставот на опозицијата која смета дека предлогот не е доволно добар.
„Од блиску ги следиме настаните во Северна Македонија, сега е време за одговорни одлуки кои ќе овозможат да се оди напред во процесот. За нас сега е време да се напредува со преговарачкиот процес, ревидираниот француски предлог токму тоа го овозможува“,
изјави портпаролката Ана Писонеро.
Таа додаде дека Комисијата ги „повикува сите политички партии да делуваат конструктивно во име на интересите на граѓаните кои долго време чекаат за ЕУ патот“.
„Предлогот на француското претседателство ги зема предвид интересите и преокупациите на сите“,
рече Писонеро.
Вчера, шефот на држава Стево Пендаровски посочи дека за него модифицираниот француски предлог е прифатлив. Доколку Владата го усвои, Пендаровски бара донесе и заклучоци дека ако се појават дополните барања, ќе се откажеме од идејата за членство во ЕУ.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера се сретна и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по која порача дека е време за мудри одлуки. Мицкоски по средбата изјави дека му предложил на Ковачевски две опции – да го одбие предлогот, а ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од барањето за предвремени парламентарни избори или доколку Ковачевски верува дека со предлогот е обезбеден идентитетот, тогаш да бидат избришани четири члена.
Трите коалициски партии – Демократски сојуз, ДОМ и ЛДП исто така вчера имале средба со Ковачевски, на која му порачале и дека за нив е неприфатливо билатералните прашања врзани за историјата и образованието бидат дел од преговарачкиот процес. Францускиот предлог ќе се дискутира и на пленарна седница во Собранието.