„Откако францускиот предлог ќе влезе во Владата, очекувам заклучоци кои, во случај да го прифатат овој предлог, би морало да има реченица плус дека од денот кога ќе ги отвориме преговорите до денот кога ќе ги завршиме, ако има дополнителни обиди од бугарска или која било страна повторно да се споменуваат прашањата за македонски јазик, идентитет и историја, не треба да чекаме некој да не блокира, туку сами треба да излеземе“, кажа шефот на државата и посочи дека идејата е начелно прифатена
По седницата на Советот за безбедност, претседателот Стево Пендаровски во изјава за медиумите објави дека за него, модифицираниот француски предлог е прифатлив.
„Одлуката да го прифатиме предлогот нема да биде ниту историски триумф, ниту историски дебакл. Според мене, станува збор за транзиционен компромис за една од фазите на европските интеграциите, за кој три елементи се битни и затоа предлогот, според мене, во оваа фаза, е прифатлив. Со предлогот ја креваме бугарската блокада и тој дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање, второ, овозможува скрининг процес, и, трето, ама баш со ништо, не го поткопува македонскиот идентитет затоа што за клучната одредница за македонски јазик во предлогот има чиста формулација, без фуснота“,
изјави Пендаровски.
На седницата на Советот на безбедност, чиј член по функција е и премиерот Димитар Ковачевски, шефот на државата побарал Владата, доколку го прифати предлогот, да донесе и заклучоци дека ако се појават дополните барања, ќе се откажеме од идејата за членство во ЕУ.
„Откако францускиот предлог ќе влезе во Владата, очекувам заклучоци на Влада кои во случај да го прифатат овој предлог, би морало да има реченица плус дека од денот кога ќе ги отвориме преговорите до денот кога ќе ги завршиме, ако има дополнителни обиди од бугарска или која било страна повторно да се споменуваат прашањата за македонски јазик, идентитет и историја, не треба да чекаме некој да не блокира, туку сами треба да излеземе“,
кажа Пендаровски и рече дека идејата е начелно прифатена.
Според претседателот, овој транзиционен предлог ја решава актуелната блокада, но отвора нова – домашна. Тој вели и дека никој дома нема против влез на Бугарите во Уставот, но внатрешната поларизација го прави невозможно потребното двотретинско мнозинство во Собранието, иако уставните измени ќе дојдат на дневен ред по скринингот. Пендаровски, исто така, порача дека нема Бугарија да го следи нашиот напредок, туку Европската комисија.
„Историјата воопшто не е услов, има само една реченица (во протоколот, н.з.) дека се препорачува историската комисија да ја динамизира својата работа, без да се сугерира од политичките фактори каква треба да биде работата и во која насока да се движи. Значи, сугестија“,
рече тој.
Претседателот вели дека од средбите со европските лидери не добил впечаток дека ЕУ води „лицемерна игра“, ниту дека некој има интерес да менува нечија етничка карта.
Покрај постојните членови на Советот (премиерот Димитар Ковачевски, спикерот Талат Џафери, министрите Оливер Спасовски, Славјанка Петровска, Бујар Османи, професорите Ненад Марковиќ, Ветон Љатифи и Трајан Гоцевски), на состанокот присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ. Пендаровски кажа дека не го поканил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оти увидел дека има комуникација меѓу власта и опозицијата.
Инаку во моментов, во Клубот на пратениците се одржува средба Ковачевски-Мицкоски.