Земјата е пред историска одлука и имаме единствена можност да ја исполниме нашата долгоочекувана стратешка цел – полноправно членство во ЕУ, изјави премиерот Димитар Ковачевски, кој повтори дека европскиот предлог е добар и ги инкорпорира македонските забелешки. По средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, премиерот потенцира дека предлогот ги става билатералните и историските прашања надвор од преговарачката рамка.
„Отворените прашања треба да бидат затворени, но за тоа ќе имаме време се додека тие не се достоинствени и за двете страни. Европската Унија посочува дека тоа треба да се реши на билатралната основа и затоа ова не е никако дел од рамката за преговори. Добрососедските односи како такви се фундамент на ЕУ. Ние сме се согласиле дека ќе го прифатиме тоа како факт уште во 2001 година кога е потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Во тој дух, по тој принцип и по таа воспоставена пракса, наша обврска како идна членка на Унијата ќе биде да работиме на добрососедските односи и тоа ќе го правиме преку исполнување на Договорот за добрососедство, исто како што го правиме и со исполнување на Договорот од Преспа“,
рече премиерот.
Ковачевски посочи дека протоколот меѓу Северна Македонија и Бугарија не е нотиран и не е дел од преговарачката рамка, туку тоа е билатерален документ, кој не е дел од европскиот пакет.
„Овој конечен европски предлог овозможува безусловен старт на пристапните приговори на Северна Македонија со ЕУ и операционализација на одлуката на Европскиот совет од март 2020 година. Преговорите со ЕУ ќе можеме да ги започнеме веднаш по донесувањето на нашата одлука за прифаќање на предлогот. Сите сме свесни за чувствителноста во однос на ова прашање. Лесно е да отфрлиме, да одложиме, да изберме нова неизвесност. Но, во овој историски момент е потребно рационално размислување со ладна глава, потребна е мудрост и одговорност и објективно анализирање на сите сценарија, грижејќи се за иднината за нашите деца. Од ова прашаење не смееме да правиме дневна политика. Ова е историски важно и стратешко прашање“,
рече Ковачевски.
За барањата на Мицкоски рече дека ќе бидат разгледани во Владата по завршување на сите консултации со другите политички чинители.
Во следните денови Ковачевски најави дека ќе продолжат средбите и со лидерите на другите опозициските партии.