Првообвинетиот во случајот „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски-Боки 13, сѐ уште е во болница, поради што утрово по третпат се одложи судското рочиште за овој предмет.
Од затворот во Шутка, како што информираше судијката Софче Гаврилова-Ефремова, судот бил известен дека Јовановски не се наоѓа таму, односно дека сѐ уште е на болничко лекување.
Поради состојбата на Јовановски, судијката ги отповика и наредните две рочишта, кои беа закажани за 14 и 22 октомври, а следното рочиште го закажа за 28 октомври.
Боки на 8 септември, по воспаление на желудникот, беше префрлен во болница на итна операција.
Јовановски, кој е претседател на невладината „Меѓународен сојуз“, е првообвинет во случајот и се товари за делата измама и перење пари. Освен Јовановски, обвинета е и поранешната пратеничка Фросина Ременски за помагање на делото измама. На обвинителна клупа седат и Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ, заменик-претседателка на невладината одрганизација, и асистенката на Боки, Христина Блажевска, кои се обвинети за помагање во делата измама и перење пари.
Обвинет е и таткото на Боки, Миле Јовановски, за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје, бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице е обвинета и невладината организација.
Според обвинението, од страна на „Меѓународниот сојуз“, на чело со Јовановски, двајцата бизнисмени, Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски, биле доведени во заблуда и измамени преку проекти за изградба на европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси, па преку Македонската авторска агенција исплатиле речиси еден милион евра – Мицевски сума од околу 720 000, а Амзоски околу 233 000 евра.