Утре во Женева Блинкен ќе разговара со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, а руски надворешно-политички аналитичари оценуваат оти утрешните разговори меѓу Блинкен и Лавров се „веројатно последната шанса“ за постигнување договор
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска пристигна во Берлин за да разговара со шефовите на дипломатиите на Германија, Франција и Велика Британија, со цел одвраќање на евентуалната руска агресија врз Украина.
Блинкен вчера беше во посета на Киев, каде изрази надеж дека САД нема да мора да воведат санкции кон Русија, но повтори дека Вашингтон е „подготвен за решителна акција во случај на руска инвазија на Украина“.
Утре во Женева, Блинкен ќе разговара со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, а руски надворешно-политички аналитичари оценуваат оти утрешните разговори меѓу Блинкен и Лавров се „веројатно последната шанса“ за постигнување договор.
Според весникот „Волстрит џурнал“, директорот на ЦИА, Вилијамс Барнс остварил средба со германскиот канцелар Олаф Шолц и претставници на германското разузнавање неколку дена пред доаѓањето на американскиот државен секретар Блинкен во Европа. Барнс ги известил за можните сценарија за развојот на ситуацијата на руско-украинската граница и рекол оти Берлин треба да го запре гасоводот „Северен тек 2“ во случај на руска инвазија врз Украина.
Германија во вторникот сигнализираше дека би можела да го запре гасоводот „Северен тек 2“ доколку Москва ја нападне Украина.
Претходно, американско-руските преговори минатата недела не донесоа резултати.