Вицепремиерот очекува на собраниската седница на 23 март да биде утврдена потребата за донесување на законите за економските мерки, така што граѓаните и стопанствениците набрзо ќе ја добијат поддршката
Февруари ќе биде покриен со плати, а за другото одговорот треба да го дадат пратениците во Собранието. Јас знам како би постапил да сум на нивно место, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Тој очекува наредната недела, за кога е закажана собраниска седница – на 23 март, да биде утврдена потребата за донесување на законите за економските мерки, така што граѓаните и стопанствениците набрзо ќе ја добијат поддршката.
„Мислам дека тоа е научена лекција. Време за политика ќе има кога ќе живееме малку подобро, без притисок од здравствената криза. Затоа сметам дека за една недела или десет дена законите ќе бидат донесени и помошта ќе стигне до сите на кои им е потребна“,
нагласи вицепремиерот.
Според него, треба да се работи и натаму на нови законски решенија, нови мерки и заеднички политики. Притоа, треба да се работи на намалување на јазот меѓу сиромашните и богатите, а даночната политика, како што вели, не е секогаш единствениот рецепт.