Асоцијацијата на превозници во патниот сообраќај МАКАМ-ТРАНС и „Превозник“ денеска упатија допис со барање за овозможување приоритет за издавање на сите потребни документи на превозните трговски друштва до Министерство за внатрешни работи и до Министерство за транспорт и врски
Ако има потреба, од помош кај поголем број превозници при навремена замена на возачките и сообраќајните дозволи, како и целата придружна документација, подготвени сме да помогнеме, изјави денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи по увидот на новоизграденото основно училиште „Визбегово“ во општина Бутел одговарајќи на прашањето дали на превозниците ќе им се овозможи приоритет во замената на личните документи.

Засега, според него, нема такво барање, но посочи и дека од Министерството за транспорт и врски им било посочено дека нема посериозни проблеми.
„Немаме такво барање. Разговаравме со Министерството за транспорт и врски и немаат посериозни проблеми. Може да има исклучоци од превозниците кои го немаат решено менувањето на документите, односно на сообраќајните и возачките дозволи, но и на останатата потребна документација. Ако се појави тоа како нужност сме подготвени да излеземе во поддршка на било кој, дали е тоа во приватниот сектор или во јавниот сектор. Сме помагале кога е потребно. И во овој случај, ако е нужно, велам и повеќето го имаат тој проблем, сме подготвени да разговараме“,
рече Битиќи.
Асоцијацијата на превозници во патниот сообраќај МАКАМ-ТРАНС и „Превозник“ денеска упатија допис со барање за овозможување приоритет за издавање на сите потребни документи на превозните трговски друштва до Министерство за внатрешни работи и до Министерство за транспорт и врски.
Професионалните возачи велат дека работните активности им зависат токму од овие документи и затоа се обраќаат за помош и поддршка со цел избегнување на застојот во вршење на превозот на стока.
„Во однос на пасошите и возачките дозволи, се работи за поднесени барања од страна на физички лица кои за да се препознаат во масата на доставени барања треба да се овозможи преку асоцијациите и разните здружувања да се достават пишани списоци со податоци за истите, како би се овозможило полесно пронаоѓање и изработка на истите“,
велат од Асоцијацијата на превозници.
Оттаму велат дека треба да се овозможи преку асоцијациите и разните здружувања да се достават пишани списоци со податоци за нивните членови, за да се овозможило полесно пронаоѓање и изработка на истите.
Во однос на постапката за добивање на налепници и нови сообраќајни дозволи, според Асоцијацијата, потребно е да се овозможи на сите кои вршат комерцијален превоз (превоз на стока и патници) тие да ги добиваат наеднаш за сите возила кои ги имаат во сопственост, а врз база на копии од сообраќајните дозволи да им се издадат нови со променет назив на државата.