Прашањето за намалените резерви било отворено непосредно пред американскиот претседател Доналд Трамп да донесе одлука да ги откаже планираните напади врз Иран минатиот викенд
Американската армија потрошила речиси 80 проценти од ракетите за противракетниот систем THAAD и околу половина од пресретнувачите за системот „Патриот“ од почетокот на воениот конфликт со Иран, објави Си-ен-ен повикувајќи се на повеќе извори запознаени со состојбата во Пентагон.
Според истите извори, високите воени команданти предупредуваат дека резервите на клучна муниција се намалени до опасно ниско ниво, што отвора сериозни прашања за способноста на САД да одговорат на евентуална долготрајна ескалација на Блискиот Исток, но и на потенцијални идни конфликти со големи сили како Кина, Русија или Северна Кореја.
Американскиот Центар за стратегиски и меѓународни студии проценува дека пред почетокот на конфликтот со Иран, САД располагале со околу 452 ракети за системот THAAD и околу 2 200 ракети за најсовремените верзии на системот „Патриот“. Според информациите на Си-ен-ен, сега се потрошени речиси четири петтини од THAAD и околу половина од ракетите за системот „Патриот“.

Изворите наведуваат дека американската армија речиси целосно ги исцрпила и резервите на високопрецизни ракети со долг дострел за противвоздушна одбрана. Загриженоста во врска со состојбата со резервите неколкупати била тема на состаноците во Белата куќа на кои се разгледувале опциите за понатамошна ескалација на конфликтот со Иран.
Прашањето за намалените резерви било повторно отворено непосредно пред американскиот претседател Доналд Трамп да донесе одлука да ги откаже планираните напади врз Иран минатиот викенд.
Земјите од опкружувањето на Иран изразиле загриженост дека недостигот на американски противракетни системи може да ја ограничи нивната способност да се одбранат од можни ирански ракетни и беспилотни напади бидејќи голем дел од нивната воздушна одбрана се потпира токму на американските системи.
И покрај овие информации, Пентагон ги отфрла тврдењата дека американската армија се соочува со критичен недостиг на муниција.
„Американската војска е најмоќната во светот и располага со сè што е потребно за да ги изврши задачите во време и на место што ќе ги одреди претседателот“,
изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел.
Сличен став има и Белата куќа. Портпаролката Ана Кели соопшти дека американската војска има повеќе од доволно муниција и резерви за исполнување на сите стратегиски цели на претседателот и додаде дека администрацијата истовремено инсистира на забрзување на домашното производство на оружје.
Сепак, според извори на Си-ен-ен, предупредувањата што во изминатите недели ги изнесувале највисоките воени претставници, меѓу кои и претседателот на Здружениот генералштаб, генерал Ден Кејн, укажуваат дека прашањето за исцрпените резерви претставува сериозен фактор во американското планирање на идните воени операции.
