„Експериментот со приватните специјализации направен во 2017 и 2018 година не ги даде посакуваните резултати, односно не се запишуваа приватни специјализации што кај нас се потребни, туку тоа што докторите го сакале. Така да, сега повторно имаме многу кардиолози, многу пластична хирургија, а малку патологија, малку анестезиологија, малку радиологија“, вели министерот за здравство
Во македонското здравство најмногу недостигаат анестезиолози и радиолози, предизвик што не може брзо да се надмине, бидејќи специјализацијата за овие области трае шест години, рече денеска министерот за здравство, Сашо Клековски.

Според него, експериментот со приватните специјализации не ги дал очекуваните резултати, бидејќи докторите избирале специјализации според личниот интерес, а не според потребите на здравствениот систем.
„Морам да кажам дека експериментот со приватните специјализации направен во 2017 и 2018 година не ги даде посакуваните резултати, односно не се запишуваа приватни специјализации што кај нас се потребни, туку тоа што докторите го сакале. Така да, сега повторно имаме многу кардиолози, многу пластична хирургија, а малку патологија, малку анестезиологија, малку радиологија“,
рече тој.
Најави дека Владата ќе продолжи со инвестициите во здравството, при што приоритет ќе биде завршувањето на Клиничката болница во Штип, како и подобрувањето на условите во Клиничкиот центар во Скопје и во другите јавни здравствени установи.
„Продолжуваме со зголемување на бројот на здравствени работници. Значи, пред неколку години, пред короната, имаше 20 000 здравствени работници во јавното здравство, 2024 година ја дочекавме со 18 000, 2025 ја зголемивме на 18 900. Сега вработуваме 300 нови млади специјализанти. Се надевам конечно ќе се дозаврши процесот на вработување на договорците“,
кажа Клековски.
Во тек, како што додаде, е вработување на 300 млади специјализанти и изрази очекување да заврши и процесот на вработување на здравствените работници ангажирани со договор на дело.
„Никој не смее да работи, а особено не во здравство, на договор на дело“,
додаде министерот.
Натамошното проширување на позитивната листа со современи лекови, според него, е со цел да се намалат трошоците што граѓаните ги плаќаат од сопствен џеб.
„Еден од приоритетите сега е подобрување на пристапноста на лекови. Ние имаме катастрофална состојба во однос колку граѓаните плаќаат од џеб за лекови. И тоа е врвен приоритет и тоа планираме понатаму да го работиме. Јас го најавив тоа како директор, сега можам да го потврдам и како министер. Ќе има натамошно проширување на позитивната листа со лекови кои се модерни и се поголемо оптеретување за буџетот на граѓаните. Бидејќи мораме да најдеме начин да се фокусираме на почетокот, а не само на крајот. Јас често говорам, зградите и капиталната опрема е популарна кај политичарите заради фото-можност, меѓутоа во основа нас ни е потребно да спуштиме што повеќе од здравствените услуги на почетното ниво“,
објасни Клековски.
Според него, во наредните шест месеци се очекуваат нови лекови на позитивната листа и видливи подобрувања во условите и организацијата на Клиничкиот центар во Скопје.
„Соодветен фокус ќе биде и подобрување на состојбите во Клиничкиот центар. Да, ние веќе работиме на нов, меѓутоа до новиот мора да има подобри услови, вклучувајќи и услови за закажување и за чекање во Клиничкиот центар. И сето тоа мислам дека можеме да го завршиме во наредните шест месеци да имаме нови лекови на позитивна листа и да имаме видливи подобрувања во Клиничкиот центар“,
заклучи министерот.
Владата на 28 јули донесе одлука за откочување на процесот за вработување на уште 300 од вкупно 600 специјализанти чие вработување беше предвидено со одлука од 2024 година.
Во јули 2024 година премиерот Христијан Мицкоски и тогашниот министер за здравство Арбен Таравари најавија дека е донесена одлука за вработување на 300 приватни специјализанти до крајот на таа година, како и за уште 300 такви вработувања за потребите на јавните здравствени установи до крајот на 2025 година.
