Епидемијата, како што додаде, нема да заврши сè додека не се отстрани сомнежот дека новите случаи се поврзани со користењето на водата за пиење
„Јас ќе се јавам дадам изјава во Јавното обвинителство веднаш штом опозицијата, односно конкретно СДСМ ќе дефинира кое кривично дело сум го сторил. Вакви изјави на прес-конференции без дефинирање кој закон, која регулатива е повредена и со што сум го сторил кривичното дело е само лош политички маркетинг. Одговорно тврдам дека јас како министер и Министерството за здравство соодветно реагиравме“, кажа министерот за здравство
Анализата на водата за пиење во Гостивар ќе биде објавена до 20 август. Ова вечерва во гостување на телевизија Канал 5 го соопшти министерот за здравство Сашо Клековски додавајќи дека епидемиолошката состојба во градот постепено се стабилизира.
Посочи дека состојбата излегува од акутната фаза, како и дека е намален бројот на новопријавени пациенти со стомачни проблеми.

„Сега излегуваме од акутната фаза и влегуваме, односно веќе сме влезени, во нормален период. Бројот на првопријавени пациенти се движеше од 40 до 80 овие неколку дена. Нормалната предепидемиска појава на стомачни проблеми со дијареја и повраќање се движи меѓу 25 и 100. Тоа се претходните историски податоци“,
кажа тој.
Епидемијата, како што додаде, нема да заврши сè додека не се отстрани сомнежот дека новите случаи се поврзани со користењето на водата за пиење.
На новинарско прашање за состојбата со епидемијата, рече дека во моментов нема такви појави и постојано се настојува да се прават пријавите за заразни болести и да се вршат епидемиолошките анкети.
„И најдобрите епидемиолози во Центарот за јавно здравје и во Институтот за јавно здравје ги анализираат тие податоци. Значи, ние влегуваме во една нормалност бидејќи бројот на заболени е како во август минатата година. Но, епидемијата ќе заврши во оној момент кога ќе нема епидемиолошка поврзаност со водата и затоа треба да почекаме“,
вели Клековски.
Коментирајќи ги повиците од Социјалдемократски сојуз (СДСМ) за негова одговорност за состојбата во Гостивар поради загрозување на здравјето на граѓаните, министерот рече дека очекува опозицијата конечно да го дефинира кривичното дело што го сторил, да подготви кривична пријава и да ја поднесе до Обвинителството.
„Јас ќе се јавам да дадам изјава во Јавното обвинителство веднаш штом опозицијата, односно конкретно СДСМ ќе дефинира кое кривично дело сум го сторил. Вакви изјави на прес-конференции без дефинирање кој закон, која регулатива е повредена и со што сум го сторил кривичното дело, е само лош политички маркетинг. Одговорно тврдам дека јас како министер и Министерството за здравство соодветно реагиравме“,
рече министерот.
Сега, по стивнувањето на акутната фаза, како што рече, има доволно време да се направи анализа.
Експертски тим од Министерството работи на анализата предвидена за реакции во епидемии.
Во врска со ова додаде дека се имаат изјаснето сите вклучени јавни здравствени установи.
„Сакаме хронологијата да ја споделиме со другите надлежни институции, во овој случај со Агенцијата за храна и ветеринарство и Центарот за управување со кризи за тие да ја надополонат хронологијата. Тоа ќе го објавиме“,
кажа тој.
Раководителот на Управувачкиот комитет и министер за внатрешни работи Панче Тошковски вчера на прес-конференцијата по состанокот на Главниот штаб за управување со кризи соопшти дека водата Гостивар сѐ уште не е безбедна за пиење и смее да се користи исклучиво како техничка.
Посочи дека квалитетот на водата и понатаму варира поради што остануваат во сила претходните препораки, а водата не смее да се користи за пиење и за приготвување храна.
На прес-конференцијата беше посочено дека во одреден број примероци е констатирана бактеријата Pseudomonas, која најчесто се јавува како биофилм во цевководниот систем од застоена вода поради претходно некористење на водата, ниту за пиење ниту како техничка.
Од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) изминатиот период го повикуваат Обвинителството да покрене кривична одговорност против премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Сашо Клековски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за свесно загрозување на здравјето на граѓаните на Гостивар.
