За да се прогласи водата за исправна, министерот рече дека ќе бидат потребни три последователни позитивни резултати од сите мерни точки
Одговарајќи на новинарско прашање за бактериолошката состојба на водата, рече дека, согласно она што го добил како информација од експертите, водата може да се користи како техничка, за сите потреби на граѓаните, но не и за пиење и готвење
Водата во Гостивар сѐ уште не е безбедна за пиење и смее да се користи исклучиво како техничка, соопшти раководителот на Управувачкиот комитет и министер за внатрешни работи Панче Тошковски попладнево на прес-конференцијата по состанокот на Главниот штаб за управување со кризи.

Посочи дека квалитетот на водата и понатаму варира поради што остануваат во сила претходните препораки, а водата не смее да се користи за пиење и за приготвување храна.
„На состанокот заклучивме дека сè уште ја имаме истата фактичка состојба во поглед на квалитетот на водата, односно немаме вода која може да соопштиме дека е исправна. Остануваме на истите препораки од претходно“,
кажа тој.
За да се прогласи водата за исправна, рече дека ќе бидат потребни три последователни позитивни резултати од сите мерни точки.
Според него, Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство и експертите од јавните водоводни претпријатија ќе го зголемат континуитетот на мерењето.
„Почесто ќе се мери и штом ќе имаме три последователни резултати на исправна вода на сите мерки точки што ги имаме во градот, тогаш на граѓаните ќе им соопштиме дека водата ќе може да биде и за пиење, освен да се употребува како техничка вода“,
вели Тошковски.
До стабилизирање на состојбата додаде дека продолжува доставата на пакувана вода до граѓаните на Општина Гостивар.
„Од страна на Владата досега се доставени околу 580 000 литри, а дополнителни количини се обезбедуваат и преку општествено одговорни компании и општини“,
рече министерот.
Одговарајќи на новинарско прашање за бактериолошката состојба на водата, рече дека согласно она што го добил како информација од експертите, водата може да се користи како техничка, за сите потреби на граѓаните, но не и за пиење и готвење.
На прес-конференцијата е посочено и дека во одреден број примероци е констатирана бактеријата Pseudomonas, која најчесто се јавува како биофилм во цевководниот систем од застоена вода поради претходно некористење на водата, ниту за пиење ниту како техничка.
„Затоа е постапено согласно протоколите. Хлорот кај каптажата е качен на повисоко ниво, правено е испирање на водоводната мрежа“,
соопштија претставниците на прес-конференцијата.
На дополнително прашање за наводи дека пациенти од гостиварската болница се упатуваат на операции и породувања во Тетово поради неможност на стерилизација на опремата, министерот рече дека неговите информации се оти болницата во Гостивар е целосно оперативна.
„Немам добиено информации дека има недостиг од каков било тип материјали или услови што се нужни за болницата да може да функционира во рамки на капацитетот што е потребен. Но, ќе ја проверам информацијата и доколку добиеме поинакви информации ќе ве известиме за она што се презема или ќе се презема“,
рече Тошковски.
Ги повика граѓаните во наредниот период максимално да ја истекуваат водата од чешмите во нивните домови со цел побрзо прочистување на примерните и секундарни цевководи.
Во моментов рече дека се врши хиперхлорирање до максимално дозволено законско ниво.
„Хлор сега има до крајните корисници, на сите точки што се преземаат и се користат како мерни единици за контрола е утврдено присуство на хлор и тоа е добро во рамки на фазата на прочистување на резервоарите“,
кажа министерот.
