„Официјално е потврдено – присутна е опасната бактерија Pseudomonas aeruginosa, која има сериозни последици по здравјето на човекот. Тоа значи дека капењето не било дозволено, а граѓаните се капеа. Ова е страшна информација што власта се обидува да ја прикрие. За ова мораат кривично да одговараат – Христијан Мицкоски, министерот Клековски и сите одговорни лица од институциите што молчеа додека се загрозуваше здравјето на граѓаните на Гостивар“, велат од опозицискиот СДСМ

Опозицискиот СДСМ обвинува дека Владата сѐ уште не доставила официјален документ со кој се потврдува дека водата што граѓаните на Гостивар ја користат повеќе од една недела е технички исправна.
Ова, според нив, е ново неисполнето ветување бидејќи, како што велат, водата во Гостивар не е ниту чиста, ниту техничка.
„Единствена ‘потврда’ беше изјавата на Мицкоски. Ништо повеќе. Денес повторно се врши хиперхлорирање. Кога се прави хиперхлорирање – капењето не е дозволено. Но никој не смее тоа јавно да им го каже на граѓаните, затоа што тогаш ќе се открие дека Мицкоски лажеше. А лажењето и навредите се единствениот начин на комуникација што тој го познава“,
велат од СДСМ.
Од партијата бараат кривична одговорност од министерот за здравство Сашо Клековски, премиерот Христијан Мицкоски и други одговорни бидејќи, според нив, гостиварци се бањале со бактериолошки неисправна вода.
„Министерот Клековски најави дека од оваа недела водата ќе може да се пие. Мицкоски рече дека има бактерија. Денес официјално е потврдено: присутна е опасната бактерија Pseudomonas aeruginosa, која има сериозни последици по здравјето на човекот. Тоа значи дека капењето не било дозволено, а граѓаните се капеа. Ова е страшна информација што власта се обидува да ја прикрие. За ова мораат кривично да одговараат – Христијан Мицкоски, министерот Клековски и сите одговорни лица од институциите што молчеа додека се загрозуваше здравјето на граѓаните на Гостивар“,
велат од СДСМ.
Во СДСМ сметаат дека одговорноста не смее да се избегне и го повикаа државниот јавен обвинител Ненад Савески да постапи согласно законот и да застане во одбрана на граѓаните.
„Знаеме дека е под команда на Мицкоски, но овојпат се во прашање животите на граѓаните и нивното здравје“,
додаваат од СДСМ.
Ангелов: Pseudomonas aeruginosa во гостиварската вода
Вчера директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, рече дека водата од градскиот водовод во Гостивар е технички исправна, но сѐ уште не смее да се користи за пиење и за готвење поради присуство на бактерии. На новинарско прашање за какви бактерии станува збор, Ангелов дополни:
„Постои присуството на Pseudomonas aeruginosa во водата за пиење. Овие бактерии ја прават водата микробиолошки неисправна и небезбедна за консумирање бидејќи се опасни за здравјето, особено за луѓе со слаб имунитет. Предизвикуваат инфекции на кожата, очите и ушите. Може да доведат до инфекции на уринарниот тракт и белите дробови кај чувствителни лица. Имаат висока отпорност на многу вообичаени лекови и антибиотици“,
рече Ангелов.
На дополнително новинарско прашање дали водата сѐ уште е технички исправна, бидејќи се спомнува бактерија што предизвикува инфекции на кожата, Ангелов повторно одговори потврдно.
Ваквата изјава доаѓа по онаа на министерот Панче Тошковски, кој од позиција на раководител со Управувачкиот комитет, на 27 јули од Гостивар кажа дека водата може да се користи за капење.
„По повеќекратни испитувања на квалитетот на водата во последниве неколку дена, анализите покажуваат дека водата во Општина Гостивар конечно може да се користи како техничка вода. Што значи тоа? Истата ќе може да се користи за бањање и за сите останати потреби во рамки на домаќинството, но не и за пиење, ниту, пак, за приготвување храна“,
рече Тошковски.
Според надлежните, анализите покажуваат дека состојбата со водата е подобрена и дека хиперхлорирањето продолжува и понатаму. Сепак, сѐ уште се присутни бактерии што ја прават водата неподобна и ризична за пиење.
Достава на вода со цистерни
Надлежните вчера информира дека во текот на денот биле ангажирани вкупно три цистерни со пивка и техничка вода за потребите на Гостивар. Дистрибуцијата се врши во тесна координација со Општинскиот штаб за заштита и спасување на Општина Гостивар.
