Директорот Стојанче Ангелов вели дека дистрибуцијата на вода се врши во тесна координација со Општинскиот штаб за заштита и спасување на Општина Гостивар

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, информира дека денеска се ангажирани вкупно три цистерни со пивка и техничка вода за потребите на Гостивар – град во кој водата веќе со недели е загадена.
„Едната цистерна на ТППЕ Гостивар, една на ‘Бехтел и Енка’ и една од Боговиње. Истите досега по два пати се упатени кон граѓаните и се планира до вечерва да бидат пратени уште со по два турнуса на дотур“,
вели Ангелов.
Ангелов додава дека дистрибуцијата се врши во тесна координација со Општинскиот штаб за заштита и спасување на Општина Гостивар.
Кажа дека нема промени во состојбата во Гостивар и дека водата сѐ уште не е за пиење бидејќи во некои од примероците земени од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) сѐ уште има бактерии.
Според него, водата може да се користи за техничка употреба, додека хиперхлорирањето продолжува, но рече оти очекува набрзо да биде прогласена за исправна.
Според официјалното соопштение на Министерството за здравство, епидемиолошката состојба во Гостивар во моментов е стабилна. Во текот на вчерашниот ден се регистрирани вкупно 84 први прегледи во здравствените установи во градот.
Иако оваа бројка претставува дневно зголемување за 27 прегледи во споредба со претходниот ден кога беа евидентирани 57, од Министерството нагласуваат дека вкупниот интензитет е значително намален. Бројот на нови пациенти останува далеку понизок во однос на пикот од 18 јули, кога во еден ден беа регистрирани 649 прегледи.
