„Минатата година скоро сите случаи беа во Јужна Македонија. Сега скоро сите случаи се во Скопскиот Регион заедно со Велес. Епидемиолошки власти постапија како што е соодветно. Направени се вонредни прскања на 200 метри околу живеалиштата на регистрираните пациенти. Во Драчево каде што има пет потврдени случаи направено е прскање од земја, кое е поефективно отколку авионското прскање“, соопшти министерот за здравство
Најголем дел од регистрираните случаи со западнонилска треска годинава се од Скопскиот Регион и од Велес, соопшти вечерва во телевизиско гостување на Канал 5, министерот за здравство Сашо Клековски, посочувајќи дека околу живеалиштата на заболените се спроведени вонредни прскања против комарци.

Во Драчево, каде што се потврдени пет случаи, е извршено прскање од земја, кое, според него, е поефикасно од авионското.
Извршена е контрола и во Скопје и во другите општини, а најголем дел од нив ги спровеле редовните третмани против комарци.
„Минатата година скоро сите случаи беа во Јужна Македонија. Сега скоро сите случаи се во Скопскиот Регион заедно со Велес. Епидемиолошки власти постапија како што е соодветно. Направени се вонредни прскања на 200 метри околу живеалиштата на регистрираните пациенти. Во Драчево каде што има пет потврдени случаи направено е прскање од земја, кое е поефективно отколку авионското прскање“,
рече Клековски на ТВ Канал 5.
Ги повика граѓаните да преземаат лични мерки за заштита и да не дозволуваат задржување вода во дворовите и околината бидејќи тоа придонесува за размножување на комарците.
„Сега останува на нас да примениме лична заштита и да се потрудиме да нема застојана вода по дворови и по бавчи“,
кажа тој.
Потсети дека западнонилската треска со години е присутна во земјава, а пикот бил во 2019 година, додавајќи дека вирусот не се пренесува од човек на човек, туку преку комарци, при што природни домаќини се дивите птици.
Поради зголемените ризици, минатата година биле обезбедени средства за тестирање на даруваната крв на вирусот на западнонилска треска, како превенција од пренос преку трансфузија.
„Поради минатогодишните случаи, јас како директор на ФЗО решив да издвоиме средства за тестирање на даруваната крв во Институтот за трансфузиологија за да спречиме пренос од крв. Инаку, од човек на човек болеста не се пренесува, не се пренесува ни ако комарецот касне заразен човек, домаќин на друг. Домаќин на вирусот се диви птици и тие се заедно со комарците се единствен начин на пренос“,
рече Клековски.
Најголем број од случаите до пред некоја година, како што рече, биле поврзани со летување во Грција, а годинава најголем број случаи има во реонот на Атика.
Минатата година болеста стасала до Романија и Хрватска, што значи дека не е нешто што е веќе типично само за медитеранскиот брег.
Осврнувајќи се на увезените заразни болести, Клековски рече дека годинава во земјава се регистрирани четири случаи на маларија, три на денга и еден на зика, апелирајќи до граѓаните по враќањето од тропски дестинации при појава на температура веднаш да побараат лекарска помош.
„Не треба да се опуштаме кога патуваме, особено во зоната на Индискиот Океан, како Занзибар, Малдиви“,
заклучи Клековски.
Вчера на Клиниката за инфективни болести во Скопје е хоспитализирано уште едно лице кај кое е потврдено воспаление на мозокот и мозочните обвивки од вирусно потекло, како и позитивна серологија од серум за западнонилска треска.
Досега вкупно седум пациенти се водат како клинички суспектни, а кај десет е потврдено присуството на западнонилска треска, од кои тројца се во критична состојба на Одделот за интензивна нега и се на механичка вентилација.
