Ако се сомнева Џафери дека било кој во Собраниево користи дрога, слободно заклучете ги вратите, повикајте служби, би ја повикал и цела Влада, но донесете и дрегери и ќе направиме тест и за дрога и за алкохол. И да не излеземе додека не ги добиеме резултатите, рече Јанушев
Пратениците кои се јавија за збор побараа од премиерот Ковачевски да даде објаснување за предлозите за министри – кои се, какви квалификации имаат и зошто се тие подобри од оние што беа разрешени од претходниот состав на Владата, од која дел беше Алтернатива

Со барање за тестирање за присуство на дрога и алкохол во крвта, закажување правна дискусија или физичка пресметка, барања за набавка на лекови за болните со цистична фиброза, затворање на бугарските клубови – беа дел од дискусиите со кои почна собраниската расправа за избор на новите министри во Владата.
„Навистина ми е жал што спикерот Талат Џафери не е денеска овде, а уште повеќе ми е криво што не најде доблест и храброст да се извини за вчерашните навреди и закани кон мене, односно кон моите малолетни деца. Токму затоа оваа дискусија ќе ја поделам во два дела. Во првиот дел ќе му се обратам на Талат за две работи. Ако се сомнева дека било кој во Собраниево користи дрога, слободно заклучете ги вратите, повикајте служби, би ја повикал и цела Влада, но донесете и дрегери и ќе направиме тест и за дрога и за алкохол. И да не излеземе додека не ги добиеме резултатите“,
рече Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ.
Изјавата на Јанушев од собраниската говорница дојде откако во синоќешната расправа тој читаше вести, меѓу кои и дека синот на собранискиот спикер Талат Џафери без правосуден се запишал на Академијата за судии и обвинители.
На ова реагираше Џафери, по што дојде до караница и меѓусебни навреди.
Јанушев вечерва му порача на Џафери дека може да имаат и дебата на која ќе ги вкрстат правните познавања.
„Доколку со тоа што ми порача ако имам проблем со нечиј син да излезам надвор и да се видам и ако мислеше на тоа да ги вкрстиме нашите правни познавања, бидејќи јас сум дипломиран правник, тогаш не надвор еве му предлагам да одбере на било која телевизија, било кога, под било кои услови, да го вкрстиме знаењето за правната проблематика. А, ако мислеше на некоја друга пресметка, нема проблем и за таква. Но, не надвор и не без камери, со камери, за да не биде после не видов, не знам, кој кого, повеќе беа или помалку беа. Не бегаме од тоа. Немој да јмислите дека се плашиме. И уште една последна порака: Талат или било кој ми ги спомне уште еднаш малолетните деца, нема добро да заврши. И ова не е закана, ова е ветување“,
рече Јанушев.
Тој упати и барање до пратениците да го осудат однесувањето на Џафери.
„Имам барање до пратениците, особено до родителите, особено од овие либераливе, зелениве, шарениве кои деноноќно се борат за правда и за какви се не знам слободи, во најмала рака очекувам осуда, исто како што очекувам осуда и од Владата“,
додаде Јанушев.
Понатаму Јанушев, но и другите пратеници кои се јавија за збор побараа од премиерот Ковачевски да даде објаснување за министрите – кои се, какви квалификации имаат и зошто се тие подобри од оние кои беа разрешени од претходниот состав на Владата од која дел беше Алтернатива.
„Со оваа реконструкција Ковачевски само за кратко си ги продолжи седењето на премиерското столче и овозможува да се дореализираат криминалите кои власта одамна ги има отпочнато. . Ќе продолжи нефункционирањето на парламентот. Со влегувањето на Алијанса за Албанците во Владата нема да се промени ништо. Мнозинството останува како што беше и додека Алтернатива беше во Влада“,
рече пратеничката Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ.
Благица Ласовска рече дека за разрешувањето на министрите не слушнале ништо и затоа очекував да слушнеме за назначување на новите по некој убав збор зошто овие кандидати имаат подобри менаџерски перформанси за само 10 месеци
„Македонија е во слободен пад и ако неспособниве останат на власт ќе тресне и се плашам да не се распарчи и дали ќе можеме да ја составиме“,
изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска.
Пред пратениците да почнат да дебатираат за изборот на новите министри, се обрати премиерот Димитар Ковачевски кој се осврна на тоа колку државата успешно се справува со економската и енергетската криза, ги образложи повторно проектите кои се реализираат, но и ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и Левица дека го кочат напредокот на државата.
Собранието вечерва продолжи со расправата за избор на новите членови на Владата. Нови министри предложени од Владата се Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација и Каја Шукова за министер за животна средина.
За избор на членови на Владата дискусијата е заедничка, а гласањето е поединечно.
Претходно денеска во рамки на 104. седница за владината реконструкција, Собранието ги разреши министерите од Алтернатива – за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи.
На 104. седница треба да бидат разрешени и замениците-министри за одбрана, за земјоделство и за образование и наука, Башким Хасани, Абдулшуќур Абедини и Лулзим Алиу и да бидат избрани нивни заменици.
На стартот на седницата што почна на 13 февруари, беа констатирани оставките на министрите за правда Никола Тупанчевски и за животна средина Насер Нуредини, како и на замениците-министри за здравство Владимир Рендевски и за правда Агим Нухиу.