Кандидатот за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во петтата ИЕ, според „бомбата“ објавена на Јутјуб, добивал инструкции од поранешната министерка за внатрешни работи за тоа како да се преврти камион со песок за да се попречи движењето на избирачи од дијаспората кои пристигнале со авион во земјава
Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и Антонио Милошоски, долгогодишен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и кандидат за нов пратенички мандат во петтата изборна единица, договараат сообраќајка и блокада на пат во близина на Кичево, според разговорот меѓу нив двајцата што е објавен денеска на јутјуб-каналот „Обнова на режимот“.
Г.Ј: Ало, Тони можеш да збориш?
А.М: Да, да, можам.
Г.Ј: Слушај, во првиот авион се повеќето према Струга, но независно, не знаеме што има во вториот. Значи, му реков на Миле, најверојатно контактирал он и со Илија, најарно е некој камион да се преврти со песок и да се блокира патот.
А.М: Види, може и тоа, ама тие ќе дојдат до павилјонот и ќе ги преземат со коли.
Г.Ј: Ако, ние ќе ги задржиме колку што може. Значи, не можеш ти да ги држиш од 4 до 7. Зашто ги фаќа нервоза. Тој командирот на аеродром е нивни, значи рачно прегледуваат, ама овој им виси над глава. На секој полицаец му виси над глава, знаеш дополнителен притисок…
А.М: Царината може нешто да направи?
Г.Ј: Не знам за царината толку. Ние ги замоливме, колегијално да направат. Значи, во нашиот дел го исклучивме системот, рачно оди, ама не можеш до бесвест, сто луѓе се, имаш 10 полицајци таму. Еден ќе стане, до ве-це, ваму-таму, ама пак е ограничено. Од 5 до 5:30 царината да ги проматка, багажи ова, она…Оти првиот авион се стружани, колку и да ги држиш ќе стасаат, и пешки да тргнат. Сега за вториот авион зборам. Ние малку, сообраќајката, малку нешто друго…
А.М: Да, од сѐ по малку.
Г.Ј: Оти ќе имаме политички проблем, ќе почнат кај премиерот. Вака, малку по малку.
А.М: Знам, знам.
Г,Ј: И тоа да е поблиску некаде до Кичево, зашто они колите од Кичево им се пратени и паркирани се пред аеродром.
А.М: Да, кај што е некое потесно грло.
Г,Ј: Кај што е потесно и кај што е потешко за пристап.
А.М: Да, кај што нема заобиколница.
ГЈ: Вие си го знаете патот, ама мора така да се направи. Видете некој од градежниците, нека приколка со песок, нека ја изврти таму. Он штета нема да има, само ќе го изблокира патот. Ај со здравје.
А.М: Добро
Најверојатно, целта е да се блокираат гласачи Албанци кои пристигнале во земјава, како што можеше да се слушне и во снимки од разговори кои потоа станаа дел од сетот судски предмети за изборни нерегуларности „Титаник“. На оваа тема разговараат и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и сегашниот потпретседател и носител на листа на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во снимка што беше објавена неодамна.
Милошоски е еден од ретките во досегашната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, избрана во 2016 година, кој обезбеди кандидатура за нов мандат – на втората позиција во петтата ИЕ, каде што претходно беше носител на листа, а сега е веднаш зад Игор Дурловски.
Сепак, тој не е активен во кампањата откако пред извесно време беше хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести, по што соопшти дека е негативен на коронавирусот.
Во предизборието тој објави неколку снимки што се однесуваа на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за што поднесе и пријава во Обвинителството.
Во меѓувреме беше објавена и снимка во која се слуша како пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ интервенира кај судии за предмет поврзан со неговиот татко и Здружението на возачи во Кичево.
За разлика од Милошоски, Јанкулоска подолго време не е политички експонирана, а против неа се водат неколку постапки за кривични предмети што произлегоа од снимките од масовното нелегално прислушување.
Милошоски, пак, е опфатен со случајот „Моќник“, за кој истрагата заврши во март годинава, така што неодамна имаше информации дека судот не може да го најде кандидатот за пратеник и да му ја врачи поканата за рочиште.
СЈО го осомничи Милошоски дека под негово влијание се распродавал имот на државата и општински имот. Во случајот се спомнуваше и таткото на Милошоски, кој, наводно, ја купил зградата во која биле сместени администрацијата и градоначалникот на Општина Пласница и две месни канцеларии, кои воопшто не биле во сопственост на Македонски Брод, туку на име на државата. Од СЈО посочуваа и дека Милошоски, сметајќи дека еден судија од Кичево е близок со градоначалникот на Пласница, го поттикнал претседателот на Комисијата за лустрација Томе Аџиев, кој исто така е осомничен во предметот, да го лустрира судијата за да му престане функцијата.