Објавени се нови аудио-снимки од разговори на кои се слушаат гласовите на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски и експретседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.
Снимките се поставени на сервисот „Јутјуб“ од канал креиран под името „ГолиТру“.
На првата снимка се слуша како Милошоски му појаснува на Вангеловски за предмет во кој бил вмешан неговиот татко, а е поврзан со „Здружение на возачи – Кичево“ за кој одлучувал Врховниот суд.
„Сакав да те прашам, за ова што ти споменав за тој предметот на Здружение на возачи-Кичево. Татко ми ми се јави ми кажа дека добил некоја информација сега од Врховен суд, дека е одлучено, но не баш поволно. Па, реков да те прашам, да не имаш некаква информација?“,
прашува Милошоски.
Вангеловски одговара дека ќе провери оти тој предмет бил кај Николчо Николовски.
„Јас убаво му кажав и за кого е, и како е, и за кого“,
додава Вангеловски.
На тоа, Милошоски бара од Вангеловски ако може да го поврзе со Николовски и да се слушнел и со него.
На втората снимка, повторно се слуша Антонио Милошоски и сега разговара со судијата Николче Николовски.
Во нивниот разговор се слуша како Милошоски го прашува судијата дали има некаков исход од жалбите кои биле против неговиот татко, а Николовски вели дека не може да се сети, но ветува дека следниот ден ќе провери.
Објавени се вкупно пет разговори на истиот „Јутјуб“ канал „ГолиТру“.