„Јас сум свесен дека овој процес ќе трае. Но, наша задача како Министерство за дигитална трансформација е да ги отвораме овие теми, да ги наметнуваме, а граѓаните со користењето ќе ги насочат сите институции да ги прифаќаат“, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски

Јас не велам оти Министерството за внатрешни работи ќе ги прифаќа дигиталните лични карти и возачките дозволи уште од првиот ден на нивната употреба, бидејќи тие треба да бидат технолошки подготвени за да можат да ги прифаќаат, но сигурен сум дека и тие поминувајќи низ процесот на трансформација ќе го сторат тоа за брзо време, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во врска со најавата за промовирање на, како што ја нарекува, суперапликацијата „m.Uslugi“ на крајот на октомври, што ќе овозможи дигитално да се поседуваат личната карта и возачката дозвола на мобилниот телефон.
Во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, Андоновски сподели примери од Полска каде апликацијата две години се користела исклучиво за влез во дискотеки, ноќни клубови, купување алкохол или за аплицирање за возачка дозвола, што значи дека приватниот сектор прв ја прифатил апликацијата, а дури потоа реагирале и тамошните јавни институции.
„Јас сум свесен дека овој процес ќе трае. Но, наша задача како Министерство за дигитална трансформација е да ги отвораме овие теми, да ги наметнуваме, а граѓаните со користењето ќе ги насочат сите институции да ги прифаќаат. Ова ни се случи и нам со електронските документи коишто се печатеа – до моето доаѓање 10 години се вадеа електронски документи и не беа признаени од ниедна институција“,
рече тој.

Неговите очекувања се сите институции во кои законите на бараат изречно фотокопија од лични карти или од изводи, да започнат со прифаќање на дигиталните лични карти и возачки дозволи.
Андоновски беше прашан и зошто беше потребна цела година од промоција на демо-верзијата до изработка на апликацијата. Тој рече дека од неколкуте илјади граѓани што ја користеле како демо, биле пријавени околу двестете забелешки и дека паралелно морале да се договорат со МВР каков ќе биде протоколот на размена на личните податоци на граѓаните и каде тие ќе се чуваат.
„Кога тоа сè го завршивме, веќе можев да најавам целосно пуштање во употреба на апликацијата затоа што не сакав да си дозволам тоа да биде уште еден брзо најавуван, брзо реализиран, но погрешен проект. И сакам ’m.Uslugi’ да заживее како суперапликација. Идејата не е само личната карта и возачката дозвола, идејата е утре да можеме и дипломи и свидетелства, изводи коишто се користат повеќе пати, да ви бидат закачени во електронска верзија во апликацијата и да може со покажување да ги користите“,
изјави Андоновски.
