Кога конечно македонските граѓани ќе може да користат мобилен телефон во роаминг на територија на Европската Унија, по цени како домашните – е една од темите на кои разговараме со министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, во гостувањето во „360 степени“ на МРТ 1

360°: За темата за која има висок јавен интерес – роаминг на територија на Европската Унија по цени како дома. Долго зборуваме за ова, долго се најавува – кога и дали конечно ќе се исполни тоа ветување?
Стефан Андоновски: Да, и овој процес исто беше опкружен со лажни вести дека сме биле оттргнати, изолирани, не знам, против Европската Унија, само две држави ќе добиеле. Одлука на Советот на ЕУ од јуни оваа година е дека сите држави од Западен Балкан ќе преговараат со Европската Унија за да добијат роаминг како дома, по цени коишто ги плаќаат корисниците на домашните телефонски мрежи. Процесот почна, ние имавме првичен состанок пред одморите и номиниравме главен преговарач. Домашната задача си ја имаме целосно завршено како што и ветив – ние законите коишто значат прилагодување со европската регулатива за роаминг веќе ги имаме донесено. Очекувам дека во периодот којшто следи ќе продолжат дискусиите. Беше ставен еден рок и од страна на Европската Унија дека до 1 јануари би биле готови со преговори, би се потпишал тој договор и би се ратификувал во парламентите. Јас очекувам дека тој рок ќе се испочитува. Минатиот пат со Молдавија и со Украина имало простор од шест месеци дозволен за телеком-операторите да се прилагодат. Претпоставувам дека и сега ќе има некој vacatio legis од неколку месеци за телеком-операторите, но очекувам во 2027 година овој процес веќе да заврши.

360°: Зошто, со оглед на тоа што Украина и Молдавија веќе извесен период ја имаат таа поволност, за земјите од Западен Балкан ова оди толку бавно?
Стефан Андоновски: Две причини. Едната – што директивите, регулативите донесени во 2016, 2018, 2019 година, никој во Македонија не земал да ги транспонира и да го прилагоди македонското законодавство до моето доаѓање во 2024 година. Одеднаш имавме шест директиви/регулативи за прилагодување. И за жал, ниту еден не се потрудил ова да го лобира во Европската Унија тогаш кога требало, односно кога првпат се потпиша договорот за слободен роаминг на Западен Балкан – недоволно лобирање кон Европската Унија. Дури кога се направи стратешкиот чекор кон Молдавија и Украина, тогаш државите од Западен Балкан почнаа посилно да притискаат на ова…
360°: Значи 1 јануари 2027 е само желба и надеж, не и извесност?
Стефан Андоновски: Сè зависи од преговорите со Европската Унија. Што се однесува до нас, ние сме подготвени уште утре да започнеме да преговараме и во најбрз можен рок да ги завршиме тие преговори. Има интерес и од страна на граѓаните на Европската Унија, затоа што и тие патуваат тука, и ние имаме дијаспора којашто живее низ цела Европска Унија, па доаѓа тука за зимскиот распуст, за летниот распуст, така што има интерес и од нивна страна, но процесот не се движи, по мене, со посакуваната динамика. Мислам дека треба да биде подинамичен на страна на Европската Унија.
