Поради тоа што станува збор за лице без пријавен престој во државава, јавниот обвинител оценил дека постои ризик од бегство и до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за мексиканскиот државјанин

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 31-годишен мексикански државјанин поради основано сомнение за сторено кривично дело напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста.
Како што информираат од Обвинителството, на 19 септември, за време на манифестацијата „Октоберфест – звуците на културата“, во паркот „Ѓорче Петров“, осомничениот телесно повредил полициски службеник кој се обидел да го легитимира. Тој го удрил полицаецот со лименка пиво во главата, а потоа повторно физички го нападнал и го удирал по рацете кога полицаецот сакал да го приведе.
Поради тоа што станува збор за лице без пријавен престој во државава, јавниот обвинител оценил дека постои ризик од бегство и до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за мексиканскиот државјанин.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) во вчерашниот билтен на дневни настани велат дека во саботата околу 21 часот во паркот во Ѓорче Петров полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Х. И. Б. Л.(31) од Мексико поради тоа што одбивал да се легитимира, се однесувал агресивно, а потоа физички и со тврд предмет нападнал полициски службеник додека извршувал службени дејствија. Утврдено било и дека Х. И. Б. Л. бил под дејство на алкохол, односно му биле измерени 2,30 промили во крвта.
