Седуммина пратениците од овој состав се најдоа на листите за изборите на 12 април што вечерва ги утврди ЦК на опозициската партија. Меѓу нив ги нема Димовски, Ѓорчев, Вељаноски, Димитриев, Попоски…
На 11. место во ИЕ 3 е кандидиран армискиот полковник Драган Ковачки, кој беше првиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи, но не помина поради уставното барање за најмалку тригодишна цивилна служба
Нема изненадувања на челните места на листите на ВМРО-ДПМНЕ, што вечерва ги утврди Централниот одбор на партијата. Партискиот лидер Христијан Мицкоски навистина реши да не се кандидира за пратеник на овие избори. Тој би бил само кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за премиер, во зависност од изборниот исход на 12 април, што, исто така, не е нешто неочекувано, со оглед на идејата за „шпицен кандидат“ што ја промовираше Мицоски во последните месеци.
Затоа, пак, неочекуван е податокот дека новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ ја „избриша“ речиси целата пратеничка група на партијата од овој состав. По седницата на Централниот комитет, Мицкоски соопшти дека повеќе од 95 проценти од утврдените имиња за првпат се кандидати за влез во законодавниот дом. Посочи и дека ВМРО-ДПМНЕ располага со потенцијал што ќе го искористи подоцна за во извршната власт и за локалните избори следната година.
Со исклучок на носителите на листите, повеќето нови имиња на листите на ВМРО-ДПМНЕ за 10. парламентарни избори се релативно непознати за јавноста, со исклучок на Рашела Мизрахи или Иванка Василевска. Од друга страна, седуммина пратениците од овој собраниски состав добија шанса за уште еден мандат. Меѓу нив се Дафина Стојаноска, Антонијо Милошоски, Ане Лашкоска, Јохан Тарчуловски, Никола Мицевски, Благица Ласовска, Жаклина Пешевска. Затоа, пак, ги нема Илија Димовски, Влатко Ѓорчев, Трајко Вељаноски, Емил Димитриев, Драган Данев, Димитар Стевананџија, Никола Попоски…
Како што и се најавуваше, универзитетската професорка Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседател на државата на ланските избори, ќе му биде противкандидатка на шефот на дипломатијата Никола Димитров во првата (скопска) изборна единица (ИЕ). Најголемо изненадување во оваа ИЕ, всушност, е кандидатурата на поранешниот новинар и пратеник од листа на СДСМ, Сафет Бишевац, во мандатот 2011-2014 година. Како кандидат од Студеничани, тој е на деветто место на листата. Партискиот лидер Христијан Мицкоски рече дека Бишевац бил едно од натпартиските решенија, покрај Силјановска.
Втор на листата во „единицата“ е Тимчо Муцунски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа следуваат релативно непознати имиња: Синиша Стојановски и Бети Стаменковска Трајковска…, додека петтото и шестото место се резервирани за коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ. Во долниот дел на листата во оваа ИЕ се оставени неколку позиции за Унијата на млади сили на партијата.
Во втората (кумановско-скопска) ИЕ, потпретседателот на партијата Владо Мисајловски ќе се соочи со техничкиот премиер Оливер Спасовски. Веднаш зад него е кандидирана разрешената техничка министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи. Следи Бране Петрушевски, па место за коалицијата, па Жаклина Пешевска. И во оваа ИЕ нема многу познати имиња меѓу кандидатите на опозицијата.
Во третата ИЕ ќе има изборен дуел меѓу генералните секретари на двете најголеми партии. Игор Јанушев ќе му биде противник на Љупчо Николовски. Во оваа ИЕ, која ги опфаќа Велес, Штип, Кочани…, меѓу првите пет кандидати за пратеници се Иван Јорданов, претседателката на Унијата на жени, Благица Ласовска, професорката Ивана Василевска, а потоа следува место за претставник на помала партија од коалицијата. Во оваа ИЕ, всушност, има повеќе познати имиња отколку во првите две. Тука меѓу кандидатите на осма позиција е досегашниот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. На 11. и на 12. место се кандидирани полковникот Драги Ковачки, кој беше првиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи и досегашниот пратеник Јохан Тарчуловски – еден од амнестираните за настаните во парламентот на 27 април 2017 година.
Во четвртата ИЕ (Струмица, Прилеп, Кавадарци…) контра лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ќе оди потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој е родум од Охрид. Следна е Ане Лашкоска, една од ретките поискусни пратеници во сите шест ИЕ, кои добија шанса за уште еден мандат. Следуваат Дејанчо Евтимов, Ели Панова, Зоран Јованчев…
Оперскиот пејач Игор Дурловски, единствен кој доби ослободителна пресуда за настаните на 27 април 2017 година, а кого Мицкоски го претстави, исто така, како натпартиски кандидат, ќе и биде директен ривал на заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, во „петката“. Пратеникот Антонијо Милошоски е втор во ИЕ која ги опфаќа Битола, Охрид, Струга… Следуваат Силвана Ангеловска, Кирил Пецаков и Јован Јеулевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Досегашната пратеничка Дафина Стојановска ќе биде носителка на листата во шесттата (тетовско-гостиварска) ИЕ. По неа се рангирани Александар Вељановски, Фуркан Чако, Стојан Тодороски и Јасминка Богдановска.
На претходните избори во 2016 година носители на листите на ВМРО-ДПМНЕ беа Никола Попоски, Никола Тодоров, Илија Димовски, Никола Груевски, Антонијо Милошоски. Со исклучок на Груевски, кој е во азил во Унгарија, од другите петмина, само Милошоски е повторно кандидат за пратеник на овие избори.