Би било кукавички чин лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да даде оставка, во околности кога Зоран Заев и СДСМ буквално ја тероризираат и ја крадат цела држава, изјави денеска портпаролот на опозициската партија Димче Арсовски одговарајќи на новинарско прашање, дали Мицкоски ќе поднесе оставка по изборниот пораз на што секојдневно го повикуваат од СДСМ.
Арсовски рече дека ова прашање е завршена тема на којашто не би имале што повеќе да додадеме, и дека ќе се фокусираат на, како што рече, криминалот кој што го прави СДСМ.
Партискиот портпарол речиси со идентични зборови го повтори она што на 28 јули во интервју за Сител го кажа и самиот Мицкоски, дека сега би бил кукавица ако ја изневери довербата што ја добил и се води по принципите, повторувајќи дека неговата партијата има повеќе пратеници за разлика од СДСМ ако се исклучат коалициските партнери.
„ВМРО-ДПМНЕ има 40 пратеника во рамките на парламентот, СДСМ има 32. Претпоставувам мислите на резултатот кој го имаше коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата предводена од СДСМ и партијата БЕСА. Да, јас во принцип во мојот живот се водам од принципи и како таков ќе останам и во иднина. Мене принципите многу ми значат во животот, но истовремено многу ми значи и поддршката која недвосмислено и акламативно ја добив од Извршниот и Централниот комитет, од структурите на партијата, како што се ветераните, Унијата на млади сили, Унијата на жени. Така што, во овој момент јас би бил кукавица кога оваа доверба би ја изневерил на сите овие луѓе кои мене ми ја дадоа и би се водел по принципите. Останувам фокусиран на предизвиците коишто следат, на иднината, останувам фокусиран на катарзата која ќе следи во ВМРО-ДПМНЕ, конечно, после овој последен товар којшто се ослободува од ВМРО-ДПМНЕ изминативе денови и ВМРО-ДПМНЕ е најголемата политичка партија и чест и гордост за мене е да ја предводам ВМРО-ДПМНЕ“,
изјави тогаш Мицкоски.
Од СДСМ од каде денеска повторно побараа оставка од Мицкоски, преку соопштение одговорија дека во ВМРО-ДПМНЕ владее многу тешка ситуација, а нивната конфузија не носи добро за македонската демократија.
„Ако држењето до зборот на нивниот претседател Христијан Мицкоски во опозициската партија го нарекуваат кукавичлук, дали утре ќе излезат на прес-конференција и ќе кажат дека чесноста е предавство или дека солидарноста е омраза“,
прашуваат од СДСМ.