Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интерјуто за Сител ТВ, на прашање дали чувствува потреба да се повлече од лидерската позиција, одговори дека добил недвосмислена поддршка од партиските структури и дека сега би бил кукавица ако ја изневери таа доверба и се води по принципите.
Тој повтори и дека неговата партијата има повеќе пратеници за разлика од СДСМ ако се исклучат коалициските партнери.
На прашањето: „Вие самиот најавивте дека доколку ги изгубивте изборите ќе се повлечете од лидерската позиција. Овие избори ВМРО-ДПМНЕ ги заврши со два пратеника помаку од СДСМ. Чувствувате ли потреба да се повлечете по ваквите резултати?“, Мицкоски одговори:
„ВМРО-ДПМНЕ има 40 пратеника во рамките на парламентот, СДСМ има 32. Претпоставувам мислите на резултатот кој го имаше коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата предводена од СДСМ и партијата БЕСА. Да, јас во принцип во мојот живот се водам од принципи и како таков ќе останам и во иднина. Мене принципите многу ми значат во животот, но истовремено многу ми значи и поддршката која недвосмислено и акламативно ја добив од Извршниот и Централниот комитет, од структурите на партијата, како што се ветераните, Унијата на млади сили, Унијата на жени. Така што, во овој момент јас би бил кукавица кога оваа доверба би ја изневерил на сите овие луѓе кои мене ми ја дадоа и би се водел по принципите. Останувам фокусиран на предизвиците коишто следат, на иднината, останувам фокусиран на катарзата која ќе следи во ВМРО-ДПМНЕ, конечно, после овој последен товар којшто се ослободува од ВМРО-ДПМНЕ изминативе денови и ВМРО-ДПМНЕ е најголемата политичка партија и чест и гордост за мене е да ја предводам ВМРО-ДПМНЕ“.
Во интервјуто тој, како и претходно претседателот на Левица Димитар Апасиев, ја обвини власта дека прави обид за купување пратеници од неговата коалиција.
„Јас можам да пренесам дека навистина се згрозувам од тоа што некои од пратениците ми го пренесуваат, а тоа како им приоѓаат луѓе кои што се претставуваат од името на луѓето коишто се дел од раководството на СДСМ, па нудат разноразни привилегии за нив, за нивните семејства, се споменуваат шесто, седмоцифрени бројки изразени во евра, амнестии за судски случаи…“,
вели Мицкоски.
Тој тврди дека неколкумина пратеници веќе имаат такво искуство, но тој обид на СДСМ бил брутално одбиен.
„Се разбира, сите тие се брутално одбиени, но ми го пренесоа мене и јас навистина сум згрозен од ваквите постапки што овие луѓе ги прават, во насока на тоа да ја прекројат волјата на граѓаните од овие избори“,
рече Мицкоски.
Тој не откри детали околу разговорите за формирање Влада, но рече дека тој би формирал влада врз основа на програмата и нема да дозволи уцени од никого, па затоа и не би бил во влада по секоја цена.