Арсовска рече дека пред неколку дена добиле документ од обвинителството за направениот увид на мостот „Беласица“ и со тоа практично добиле зелено светло дека сега градот може да постапува на терен и да ги направи потребните испитувања. Ако прелиминарните информации го дадат она што го очекуваме, рече градоначалничката, тогаш мостот со некоја ситна санација ќе биде пуштен во употреба
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на Телма ТВ изрази сомнежи за тоа кој стои зад пожарот на мостот „Беласица“, но и за оштетувањето на железничкиот мост во Влае што се случи во период од околу една недела, а на кој беа исечени држачите.
„Од една страна се дефокусира и се зборува за опожарен мост кој некој очекува за 15 дена да се стави во функција за да не се зборува кој го предизвикал тој пожар таму. Две ситуации со мостови имавме во период од седум дена. По седум дена беа исечени сите држачи на железничкиот мост во Влае“,
рече Арсовска.
Таа вели дека токму одговор на прашањето кој стои зад сето ова е иницијално во ситуацијава, а не тоа за колку време ќе се санира мостот.
„Тоа е иницијалното прашање, кој пали во градот Скопје и кој ги предизвикува сите овие хаотични ситуации, а не за колку време ние ќе го ставиме мостот во употреба“,
потенцираше градоначалничката.
За санацијата на мостот, Арсовска објаси дека прво на терен излегле тимови од МВР и од Дирекцијата за заштита и спасување, како и од обвинителството за да приберат докази со кои може да откријат кој стои зад пожарот. Додека тие не завршеле со увидот, посочи таа, градот не можел да работи за да не ја загрози истрагата.
Обвинителството за направениот увид генерирало документ на 23 мај, кој во Градот пристигнал на 25 или 26 мај.
Прво, ќе ви кажам што значи сериозно и одговорно однесување не само во градот Скопје туку и во Македонија.
„Значи ние сме го добиле пред неколку дена зеленото светло дека можеме да отпочнеме да постапуваме. Ангажирани се вешти лица, почнато е на терен да се прави оскултација, ќе се почне со земање кернови од мостот и ќе се докаже дали и какво е оштетувањето, ако воопшто го има на тој мост. Тоа не би требало да трае повеќе од 20-тина дена, по што ако прелиминарните информации го дадат она што го очекуваме, тогаш мостот со некоја ситна санација ќе биде пуштен во употреба. Меѓутоа, само во оној момент кога ќе бидеме сигурно дека истиот е безбеден и сигурен“,
рече Арсовска.
Таа во емисијата повторно ги критикуваше проектантот на мостот „Беласица“, инженерите и професорите кои во јавноста излегоа со свои видувања дека ќе треба подолг период за санација, а некои зборуваа и за градење на сосема нов мост.
„Јас не спомнав дека некој е лаик, спомнав дека некој без да направи соодветни испитувања врз основа на погледнат мост кажува дека ќе треба една година да се санира или да се гради друг. Тоа е несериозно. Сериозно е да се направат испитувања и тоа што ќе го покажат, тие резултати да ги презентирате во јавноста и да кажете базирано врз нив колку и дали ќе треба воопшто нешто да се санира или реконструира. Тоа е сериозно“,
рече Арсовска додавајќи дека ваквите изјави предизвикале хаос, страв и нетрпеливост кај граѓаните.