За градежните активности се издвоени речиси 200 000 евра од буџетот на болницата, додека дополнителни 30 000 евра за нов мебел се обезбедени преку донации од општествено одговорни компании
Посочи дека во објектот не се направени значајни инвестиции од 1965 година, но дека сега постепено се реализираат приоритетите во здравството
На ЈЗУ Универзитетска клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ денеска е пуштено во употреба целосно реконструираното Одделение за трауматологија, во чија обнова се инвестирани речиси 230 000 евра, соопшти директорот на Клиниката, Небојша Настов.
Болницата денеска ја посетија премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски.

Одделението располага со 26 болнички кревети, а деветмина трауматолози годишно изведуваат околу 1 100 оперативни интервенции.
Според д-р Настов, со реконструкцијата целосно се обновени електричната и водоводната инсталација, канализациската мрежа, системот за греење и подовите, а поставени се и автоматски сензорски врати, во согласност со препораките на Светската здравствена организација (СЗО) за намалување на ризикот од интрахоспитални инфекции.

За градежните активности се издвоени речиси 200 000 евра од буџетот на болницата, додека дополнителни 30 000 евра за нов мебел се обезбедени преку донации од општествено одговорни компании.
Клековски истакна дека Клиниката „Св. Наум Охридски“ е прва референтна установа за третман на трауматски повреди во Скопје и најави дека веќе се подготвува план за реконструкција на ургентниот и оперативниот блок.
„Оваа зграда на хируршката клиника датира одамна, и драго ми е што директорот го заврши овој дел, особено што оваа установа е позната како прва станица за трауматолошки повреди и претставува важен хируршки центар во градот“,
рече министерот.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека реконструкцијата на Одделението за трауматологија е дел од низата инвестиции реализирани во изминатите две години и најави уште неколку слични проекти во наредниот период.
Посочи дека во објектот не се направени значајни инвестиции од 1965 година, но дека сега постепено се реализираат приоритетите во здравството.
„Од 1965 година наваму шајка не е закована, така што еве полека но, сигурно почнуваме да ги реализираме тие приоритети. Не можеме преку ноќ сето она коешто со децении било уништувано да го исправиме, но еден по еден приоритет ги решаваме“,
кажа премиерот.
