Не сакаме да веруваме дека станува збор за намерна саботажа предизвикана од политичка агенда, велат од Град Скопје
Непознати лица во текот на изминатата ноќ го оштетиле Железничкиот мост во Општина Карпош, односно ги исекле каблите, соопштија од Град Скопје квалификувајќи го настанот како саботажа.
Градските власти објавија и дека поднеле пријава.
„Градот Скопје заедно со општина Карпош, денес поднесе пријава против Н. Н. сторител поради оштетување на јавен имот и саботажа откако на т.н. Железнички мост во Општина Карпош на булеварот ’Васил Чакаларов‘ во текот на вечерта намерно се исечени и оштетени електрични и комуникациски кабли“,
велат од Градот.
Оттаму прават паралела и со пожарот на мостот „Беласица“ на потегот помеѓу Железничката станица и „Ист гејт мол“, велејќи дека ако се суди по реакциите од политичките партии, тогаш заклучокот е загрижувачки.
„Не сакаме да веруваме дека станува збор за намерна саботажа предизвикана од политичка агенда, но, ако судиме по реакциите на политичките партии кои го политизираа и пожарот на мостот ’Беласица‘ со шпекулации и предизвикување на општа несигурност и паника кај граѓаните, заклучокот е загрижувачки. Апелираме до сите институции да ги преземат сите неопходни мерки за да се спречи ваквата појава, како и до сите политички чинители да не поттикнуваат вакво однесување“,
пишува во соопштението од Град Скопје.