Арсовска, во објавата каде вели дека украсувањето на градот било преку јавен повик, не приложи документ или линк до јавниот повик што го споменува. Единствено што прикачи е илустрација со јавните повици, фирмата што ги добивала и парите кои биле потрошени за новогодишно украсување на градот во времето на нејзините претходници
Градоначалничката Данела Арсовска во последната објава на својот фејсбук-профил ги отфрла тврдењата дека немало јавен повик за украсувањето на градот оваа година. Таа вели дека и годинава, како и секоја друга, јавен повик бил распишан, но не го потврди тоа со документ.
Арсовска, во објавата вели дека украсувањето на градскиот плоштад, главните сообраќајници и новогодишниот базар се финансирани преку јавен повик, кој бил објавен согласно актите и прописите како и сите останати јавни повици. Но, на ваквата нејзина објава не приложи документ или линк до јавниот повик што го споменува.
Единствено што прикачи е илустрација со јавните повици, фирмата што ги добивала и парите кои биле потрошени за новогодишно украсување на градот во времето на нејзините претходници.
„Разликата сепак, помеѓу овогодинешното организирање на украсувањето на градот и претходните години е што сега имаме за 10 пати помали трошоци од она што било трошено изминатите две децении – разликата е и во тоа што оваа година парите за оваа намена не ги добила истата фирма која ги добивала досега. Фирма блиска до Шилегов која од бројни тендери испумпувала пари од градската каса. За ова, веќе се подготвени соодветни пријави“,
пишува Арсовска.
Таа во објавата повторно се обрати до медиумите велејќи „жалиме што и покрај апелите за точно, балансирано и вистинито известување, дел од медиумите се уште одработуваат политички агенди на заборавени ‘политичари’“.
Новогодишното украсување на Скопје стана актуелно откако изминатата недела градските власти на плоштадот „Македонија“ поставија половично накитена елка, која беше и делумно накривена. Ова предизвика потсмев кај граѓаните, но и кај дел од странските медими.
По ова, градските власти на плоштадот поставија уште една елка на неколку метри оддалеченост од првата. Првата, која беше целосно доукрасена има повеќе декорации на себе. Втората, пак, има само ситни новогодишни светилки.
Арсовска, пак, во синоќешно интервју рече дека сега Скопје нема една елка, туку има шест. Скопје е накитено, но сега китењето на главниот град чини 30 илјади евра, а не 300 илјади евра како претходните години, рече градоначалничката и даде ветување до скопјани дека следната година со украсување ќе се почне уште од 20 септември.
На прашањата на медиумите која фирма го добила јавниот повик за украсување одговор немаше, а од Обвинителството најавија дека доколку Финансиската полиција не ги испита сите околности околу набавката за украсувањето, ОЈО ќе оформи предмет.
„Со оглед на изнесените наводи во конкретниот случај, Управата за финансиска полиција како орган надлежен за откривање на евентуални кривични дела и контрола на финансиските текови има надлежност да ги испита сите околности и да достави соодветно известување или пријава. Доколку Финансиската полиција не постапи, Обвинителството ќе оформи предмет и ќе нареди да се извршат сите проверки“,
соопштија од Обвинителството.
Поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов синоќа во објава на Фејсбук ѝ порача на неговата наследничка, актуелната градоначалничка Данела Арсовска, да си поднесе оставка од функцијата, оценувајќи оти главниот град се наоѓа во, како што вели, процес на целосна девастација.
Шилегов предлага во мај идната година, кога ќе се одржат парламентарните и вториот круг од претседателските избори, да се одржат и избори за нов градоначалник на Град Скопје.
Либерално-демократската партија, денеска, најави иницијатива за отповикување на градоначалниците преку законски измени. Оценувајќи оти „граѓаните не смеат да трпат заради неспособноста на локалните власти“, претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, најави дека партијата започнува граѓанска иницијатива за отповикување на градоначалниците преку измени на Законот за локална самоуправа и собирање потписи за референдум.
Таа оценува оти она што се случува во Скопје е знак дека мора да има механизам за отповикување на градоначалниците, а оти целта на ваквата иницијатива е создавање поспособна и проактивна локална самоуправа.