ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште нема официјализирано кандидат за градоначалник на главниот град и, во случај да реши да ја поддржи кандидатурата на претседателката на ССК, таа би можела да влезе во изборната трка и без потписите што ѝ се потребни како независна кандидатка
Претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска, која вчера најави дека ќе настапи како независна кандидатка за градоначалничка на Скопје, од денеска почнува да собира потписи за поддршка на кандидатурата.
Од Државната изборна комисија потврдија за „360 степени“ дека се поднесени обрасците за собирање потписи за поддршка на Арсовска. Таа пред да објави независна кандидатура се спомнуваше како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалничка на Скопје.
За и официјално да влезе во изборната трка за Скопје, Арсовска треба да обезбеди најмалку 1 000, како што информираат од ДИК. Потписите треба да ги собере до 30 август, кога истекува рокот за обезбедување граѓанска поддршка за потенцијалните кандидати за градоначалници.
ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште нема официјализирано кандидат за градоначалник на Скопје и, во случај да реши да ја поддржи кандидатурата на Арсовска, таа би можела да влезе во изборната трка и без потписите што ѝ се потребни како независна кандидатка.
Собирањето потписи за независни кандидати за градоначалници и за советници почна на 16 овој месец, а Арсовска се вклучи во процесот десетина дена подоцна, така што потребните 1 000 потписи треба да ги собере за пет, наместо за 15 дена.
Со исклучок за Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа, за општините во земјава, во зависност од бројот на жители, треба да се обезбедат од 100 до 450 потписи за поддршка на независни кандидатури за градоначалници или за советници.
За Скопје досега е официјализирана единствено новата кандидатура на досегашниот градоначалник Петре Шилегов, како избор на владејачкиот СДСМ.
Потенцијална независна кандидатка за Скопје е и Ана Петровска, неодамна разрешената директорка на Инспекторатот за животна средина, која сѐ уште собира 1 000 потписи.