За Антоанета Димовска од скопското апелационо подрачје гласале 110 од 185 судии, додека за Наке Георгиев, кој беше единствен кандидат од редовите на Врховен, гласот го дале шестмина негови колеги од вкупно 16 судии во овој суд. Интересно е што повеќе врховни судии дале неважечки гласови (седум) од оние кои гласале за Георгиев
Антоанета Димовска од Основниот граѓански суд Скопје и Наке Георгиев од Врховниот суд, се судиите кои ќе станат нови членови на Судскиот совет, покажуваат првичните резултати кои попладнево беа соопштени по пребројувањето на гласовите од денешните непосредни избори.
За Антоанета Димовска, која беше кандидатка од редовите на судиите од скопското апелационо подрачје гласале 110 од 185 судии кои денеска излегле на гласање. По завршување на гласањето, Комисијата констатирала дека 26 гласачки ливиња се неважечки, а 35 останале неупотребени. Нејзиниот притивкандидат Лазар Нанев, актуелен претседателна Основниот суд во Кавадарци, според првичните резултати има освоено 49 гласа.
Наке Георгиев, пак, според прелиминарните резултати, како единствен кандидат од редовите на Врховен, добил само шест гласа од вкупно 16 судии во овој суд. Гласачки ливчиња од тројца судии, пак, биле неупотребени, а останатите седум врховни судии нивните ги направиле неважечки.
По објавувањето на првичните резултати, кандидатите кои учествуваа во изборите имаат право на поднесување приговори. Првиот рок за приговори трае денеска до 20 часот, во кој кандидатите може да поднесат забелешки за текот на гласањето. Вториот рок за поднесување приговори е пет часа по објавувањето на првичните резултати и тука може да се поднесуваат забелешки за објавените резултати.
Доколку никој од кандидатите не поднесе приговор, тогаш Комисијата за избори, во рок од 48 часа, ќе ги соопшти конечните резултати.
Веројатно конечните резултати ќе се знаат уште во текот на утрешниот ден со оглед дека Судскиот совет за утре напладне најави и прес-конференција.
Претседателот на Комисијата за избор Субхи Јакупи, при соопштувањето на првичните резултати, рече дека во изборниот процес во сите 13 гласачки места за двете листи на кандидати кои излезеноста на гласачите била 84 отсто.
Јакупи додаде дека немаат никакви забелешки ниту од кандидати ниту од комисиите кои го извршиле изборот и како што нагласи задоволни се од исходот од изборниот процес.
До овие избори дојде откако по контроверзиите во Советот, оставки си поднесоа врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимовски од Апелацискиот суд во Скопје.
Контроверзиите што се случуваат во Судскиот совет изминатите месеци, а започнаа со тргањето на Весна Дамева од претседателската функција, продолжија и со изборот на новите членови. Името на единствениот кандидат од Врховен, судијата Наке Георгиев, периодов беше во фокусот на јавноста бидејќи против него се водеше постапка за утврдување одговорност во периодот кога тој беше претседател на Апелацискиот суд во Штип. Меѓутоа, еден ден пред да биде утврдена листата на кандидати, на затворен дел од седница Судскиот совет реши да ја запре постапката против Георгиев откако предметот за него беше држен во фиока неколку месеци. За истиот случај за кој се водеше постапка против овој судија за периодот кога тој беше на чело на штипска Апелација, пак, претходно беа разрешени тројца судии.
За кандидатите од скопското апелациско подрачје, пак, првично судијката Димовска беше единствена кандидатка бидејќи кандидатурата на Нанев беше одбиена како нецелосна. Но, тој поднесе приговор, па мнозинството членови на седницата што ја утврдуваше конечната листа го прифати и го смести Нанев на гласачкото ливче.