Во заклучоците од анкетата на „Галуп интернешнл Балкан“ се наведува дека бугарските граѓани силно ја поддржуваат С Македонија, поддржувајќи го нејзиниот влез во ЕУ, ама предуслов е Скопје веднаш да го исполни Договорот за добрососедство
Поддршка за влез на Северна Македонија во Европската Унија, но само ако земјава го спроведе Договорот за добрососедство со Бугарија, даваат мнозинството бугарски граѓани, според резултатите од анкета на „Галуп интернешнл Балкан“.
Мнозинство од 51,1 отсто од испитаниците сметаат дека Бугарија треба да ја поддржи Северна Македонија да стане членка на ЕУ, но под услов нашата земја брзо да го исполни Договорот со Бугарија. Безусловна поддршка за членство даваат само 8 отсто од испитаниците, а само 6,1 отсто сметаат дека Бугарија не треба да ја поддржи земјава под какви било услови.
Во заклучоците од анкетата се наведува дека бугарските граѓани силно ја поддржуваат Северна Македонија, поддржувајќи го нејзиниот влез во ЕУ и потврдувајќи ги традиционално високите симпатии за земјата со која постои заедничка историја.
„Но, тие категорично инсистираат, пред да размислуваат околу членството на југозападниот сосед во ЕУ, прво да се регулираат односите со Скопје. Предуслов е Скопје веднаш да го исполни Договорот со Бугарија“,
се наведува во заклучокот од анкета, спроведена преку директни интервјуа на примерок од 808 полнолетни бугарски граѓани во периодот меѓу 29 октомври и 6 ноември годинава.
Анкетираните требало да одлучат меѓу две прашања, кои се поблиски до нивниот став: „Најважно е Северна Македонија да стане членка на ЕУ дури и да не се сосема уредени нејзините односи со Бугарија“ или „најважно е да бидат уредени односите на Северна Македонија со Бугарија, а не е толку важно Северна Македонија да стане членка на Унијата“. На првото прашање одговориле 5,8 отсто од граѓаните, на второто 57,9 проценти.