Бугарија ја поддржува идејата за интеграција на Западен Балкан во Европска Унија, но не може тоа да се направи безусловно и без исполнување на договорите што се направени помеѓу Бугарија и соседните балкански држави.
Ова го кажа бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов во своето обраќање во парламентот во Бугарија со цел да ги информира тамошните пратеници за последните средби со македонските претставници и напредокот за надминување на спорот.
„Прво, никој не изврши притисок врз бугарската влада. Во моментов германското претседателство само ја искажа позицијата да биде медијатор, доколку е потребно, за разговори меѓу двете земји. Немало притисок врз бугарската влада. Второ, во разговорите со претставниците на Република Северна Македонија, Бугарија го потврди својот јасен став дека сме за членството на Македонија во ЕУ, но веруваме дека договорот од 1 август 2017 година не се спроведува како што налагаат неговите одредби“,
рече Каракачанов.
Без надминување на говорот на омраза, без јасна ревизија на образовниот систем, Каракачанов е категоричен дека нема начин Бугарија да се согласи да се закаже првата меѓувладина конференција за започнување преговори за пристапување на С Македонија кон ЕУ.
„За жал, владејачката коалиција во Скопје верува дека откако ја отворивме вратата за НАТО, Бугарија може да биде под притисок или од други политички причини да се согласи да ја укине својата рамковна позиција од минатата година и декларацијата на парламентот. Од наша страна, постојано беше објаснувано дека владата нема намера и не може да ја прескокне одлуката на бугарскиот парламент, бидејќи Бугарија е парламентарна република. За нас, прашањето останува отворено“,
додаде тој.