Со предлогот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, власта повторно сака да издејствува работниците што ќе бидат ангажирани на изградбата на коридорите да работат повеќе од 40 часа неделно. Ваков обид Владата имаше преку Законот за изградба на делници од коридорите 8 и 10, кој предвидуваше работно време од 60 часа неделно
Измените на други закони предвидуваат и низа ослободувања од давачки, како ослободување од данок на додадена вредност (ДДВ) и акциза на енергенси, но и ослободување од ДДВ, увозни давачки и данок на моторни возила (за теренските возила) на стратешкиот партнер. Исто така, се планира и забрзување на постапката за експропријација. На пример, нема да се чека правосилност на одлуката за експропријација, туку ќе биде доволно таа да стане само конечна
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, како што информира Левица, за в понеделник закажа итна седница на чиј дневен ред се девет предлог-закони поврзани со коридорите 8 и 10-д. Станува збор за предлог-измени и дополнувања на законите:
- за земјоделско земјиште;
- за експропријација;
- за заштита на културното наследство;
- за урбанистичко планирање;
- за минерални суровини;
- за работни односи;
- за шумите;
- за градење како и на
- за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д.
Сите измени се поврзани со изградбата на автопатските делници од споменатите коридори кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Предлагачи на измените и дополнувањата по скратена постапка се пратеници од СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците.
Работниците ќе работат неограничено прекувремено
Со предлогот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, власта повторно сака да издејствува работниците што ќе бидат ангажирани на изградбата на коридорите да работат повеќе од 40 часа неделно. Ваков обид Владата имаше преку Законот за изградба на делници од коридорите 8 и 10, кој предвидуваше работно време од 60 часа неделно. Имено, стануваше збор за член 12 со кој се регулираше дека работното време на работниците ангажирани за изградба на коридорите „може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината”.
Лани во март уставните судии овој член од Законот го оценија како неуставен и на штета на работниците.
Очигледно е дека Владата сега повторно сака да издејствува подолго работно време за работниците, но овој пат тоа го прави преку измени во Законот за работни односи, и тоа во делот на прекувремената работа и неделниот одмор.
Во актуелниот Закон за работни односи, прекувремената работа се регулира во членот 117.
Член 117
(1) Работникот е должен на барање на работодавачот да врши работа преку полното
работно време (прекувремена работа):
1) во случаи на исклучително зголемување на обемот на работата;
2) ако е потребно продолжување на деловниот или производниот процес;
3) ако е нужно да се отстрани оштетување на средствата за работа, што би
предизвикало прекинување на работата;
4) ако е потребно да се обезбеди безбедност на луѓето и имотот, како и безбедноста на
прометот и
5) во други случаи определени со закон или колективен договор.
(2) Прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и
најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на
работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира
работата во смени. Прекувремената работа во период од три месеци не може во
просек да надминува повеќе од осум часа неделно.
(3) За работниците од Министерството за внатрешни работи, кои вршат посебни
должности и овластувања согласно со посебен закон, прекувремената работа може да
трае подолго од 190 часа годишно, поради извршување на итни и неодложни работи,
по претходно дадена писмена согласност на работникот.
(4) На работникот кој работел над 150 часа подолго од полното работно време, а не
отсуствувал од работа повеќе од 21 ден во текот на годината, кај истиот работодавач
во кои не се засметуваат деновите на искористен годишен одмор, работодавачот е
должен да му исплати покрај додатокот на плата и бонус во висина од една просечна
плата во Републиката.
(5) Работодавачот е должен да води посебна евиденција за прекувремената работа и
часовите за прекувремената работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на
платата на работникот.
(6) Работодавачот е должен за секое воведување на прекувремена работа претходно
писмено да го извести подрачниот државен инспектор на трудот.
(7) Ако работодавачот воведува прекувремена работа подолго од ставот (2) на овој
член е должен да изврши прераспоредување на работното време или воведување на
нови смени.
Според предлогот на пратениците од власта, сега се бара измена на членот 117 од Законот за работни односи, односно предлагаат по ставот 7 да се додаде нов став, 8, кој гласи:
„(8) По исклучок од ставовите (1), (2) и (7) на овој член прекувремената работа
може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во
просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога
се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно
дадена писмена согласност на работникот.“
Ова значи дека пратениците предлагаат прекувремената работа на работниците во случаите кои се од национален и стратегиски интерес, како што е проектот „Бехтел и Енка“, да може да трае подолго од пропишаните осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно. Истовремено не кажуваат колку е новата граница за прекувремена работа, што значи дека нема ограничување колку часови дополнително може да работи еден работник.
Понатаму, пратениците предлагаат и измени на членот 134 од Законот за работни односи, со кој се регулира неделниот одмор. Актуелното решение гарантира барем еден ден одмор во работната недела, по правило во недела.
Член 134
(1) Работникот има право на неделен одмор во траење од
најмалку 24 часа непрекинато.
(2) Ден на неделниот одмор по правило е недела.
(3) Заради објективни, технички и организациони причини може на работникот да му се обезбеди неделен одмор во некој друг ден во неделата.
Пратениците сега предлагаат исклучоците за слободен ден да важат и за работниците на автопатите:
Во членот 134, во ставот (3) во алинеја 42 сврзникот „и“ се менува со
запирка, а во алинеја 43 точката на крајот на реченицата се менува со запирка и се додава
сврзникот „и“. Се додава нова алинеја 44 која гласи: „ – работи на проекти од национален и
стратешки интерес за Република Северна Македонија.“
Значи, на работникот да му се обезбеди неделен одмор во некој друг ден во неделата поради објективни, технички и организациски причини и кога работи на проекти од национален и стратегиски интерес за Република Северна Македонија, како што е проектот „Бехтел и Енка“.
Според тоа, работниците ангажирани на изградбата на патиштата, доколку се усвојат овие измени, со претходно дадена писмена согласност, ќе можат да работат прекувремено повеќе од осум часа неделно, неодредено, а слободен ден може да им се дава кој било друг ден во неделата. Тоа секако би зависело од работодавачот.
Се укинуваат низа давачки за стратешкиот партнер „Бехтел и Енка“
Една од деветте точки за седницата в понеделник се и измени на посебниот закон кој беше донесен во Собранието за изградба на коридорите 8 и 10-д, а со кој се уредуваат деталите во врска со планирањето, проектирањето и изградбата на овие автопатишта кои се утврдуваат како проекти од национален интерес, за што се номинира и стратешки партнер за нивна реализација.
И овие измени се предложени по скратена постапка од страна на пратеници од владејачкото мнозинство: Арбер Адеми (ДУИ); Халил Снопче (Алијанса за Албанците); Арта Биљали (ДУИ); Вјолца Адеми (ДУИ) и Арбен Зибери (ДУИ).
Предлозите предвидуваат ослободување од низа јавни давачки за стратешкиот партнер, во случајот американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, што според пратениците е со цел да се забрза изградбата.
„Целта на измената и дополнувањето на законот е да се овозможи забрзана реализација на проектот од јавен интерес а со цел изградба на делниците Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија. Потребата од ослободување од јавни давачки и даноци за наведениот проект е неопходна за забрзана и непречена реализација на проектот од јавен интерес од овој закон“,
објаснуваат пратениците предлагачи.
Во материјалот доставен во собраниските архиви може да се забележи дека се предлага промена на членот 15, а по него се додаваат уште три нови члена (15-а, 15-б и 15-в). Со нив се предизвикуваат низа ослободувања од давачки повратни со проектот за автопатиштата, како што се ослободување од данок на додадена вредност (ДДВ) и акциза на енергенси, но и ослободување од ДДВ, увозни давачки и данок на моторни возила за теренските моторни возила кои ќе му бидат потребни на стратешкиот партнер.
„Со предлозите за измена и дополнување се овозможува поедноставување на прометот и ослободување од данок на додадена вредност и акциза на енергенти за прометот на добра и услуги кој е извршен кон Инвеститорот од страна на стратешкиот партнер како и прометот кон стратешкиот инвеститор за цели на проектот од овој закон. Исто така со предлозите за измена и дополнување се предвидува ослободување од данок на додадена вредност, увозни давачки и данок на моторни возила (пикап-возила) на увозот кој е извршен од страна на стратешкиот партнер за цели на проектот опишан во законот“,
пишува во објаснувањето на предложените измени.
Ќе се забрзува експропријацијата
Пратениците од власта предлагаат и измени на Законот за експропријација за овие постапки, објаснуваат, да не ја кочат изградбата.
„Имајќи предвид дека постапката за експропријација е процес кој може да трае долг временски период, со ова дополнување се овозможува за градби кои се од стратегиски интерес на државата да имаат понавремена и поефикасна реализација на проектите“,
објаснуваат пратениците предлагачи.
На пример, ќе се овозможи во случаите во кои проектите се за инфраструктура од стратегиски интерес, да не се чека правосилност на одлука за експропријација, што ќе овозможи одредено земјиште уште по првостепената одлука да му се стави на располагање на конзорциумот „Бехтел и Енка“. За таа цел, во членот 33 од Законот за експропријација ќе се додаде став кој ќе гласи:
„За изградба на објекти односно инфраструктура од стратешки интерес, а за реализација на проект за капитални инвестиции од стратешко национално значење на Република Северна Македонија, на стратешкиот партнер ќе му се даде во владение експроприраниот имот веднаш штом одлуката за експропријација стане конечна, без потреба истата да стане правосилна“,
пишува во предложените измени на Законот за експропријација.
Исто така, ќе се додаде уште еден член кој предвидува дека кога државата ќе експроприра објект во кој сопственикот живее или врши некоја дејност, на негово барање да му се плаќа надомест за закупнина во период од најмногу шест месеци и со можност за продолжување за уште шест месеци.
Истиот член предвидува доколку сопственикот бара државата да му плаќа закуп, ќе мора да го испразни објектот во рок од 30 дена.
И на овие предлог-измени потписници се пратеници од ДУИ, Алијанса за Албанците и СДСМ.
Проектот за изградба на коридорите 8 и 10-д со „Бехтел и Енка“ беше потпишан на 8 март годинава. Тежи 1,3 милијарда евра, а предвидени се дополнителни над 200 илјади евра за експропријација. Рокот на изградба е до 2027 година, а опфаќа вкупно 110 километри автопат или по делници: Тетово – Гостивар над 17 км (33 месеци рок на реализација); Гостивар – Букојчани – 30,3 км (57 месеци рок на реализација); Требеништa – Струга – Ќафасан – 22 км (49 месеци рок на реализација); Прилеп – Битола – 40 км (57 месеци рок на реализација).
Почетокот на изградбата на Коридорот 8 свечено беше означен пред три дена, додека за Коридорот 10 церемонија се очекува да се случи до крајот на месецов.
Целиот овој проект подолг период е во фокусот на јавноста, но пред сè, поради изборот на фирмите за надзор над „Бехтел и Енка“. На тендерот за надзор победи конзорциум предводен од италијанската „ИРД инженеринг“, а во него се уште три компании: шпанската „Ептиса“ и двете домашни фирми „Електра солушнс“ и „Евро консалтинг“.