Јас не аплицирав, немаше конкурс за да аплицирам да станам министер, туку ова е политичка функција, институционална, и институциите треба да одговорат кој ќе биде на чело на едно министерство, во случајот на Здравство, вели Алиу за најавената владина реконструкција која може да го опфати и ресорот што го води тој

Министерот за здравство Азир Алиу вели дека не е лично прашање дали ќе го напушти ресорното министерство и кој би го заменил на неговата позиција оти не аплицирал на конкурс, туку станува збор за политичка функција.
На денешната прес-конференција, Алиу доби новинарско прашање, кому ќе му ги предаде започнатите проекти, по информациите во јавноста дека владината реконструкција може да го опфати и него. Тој не даде конкретен одговор, туку рече дека ниту почнал – ниту очекува кариерата да ја заврши со политичка функција бидејќи, како што рече, тоа не е ниту европски ниту здраво за политичката инфраструктура и лично за него.
За Алиу, вредност не е времетраењето на политичка позиција, туку резултатите од сработеното.
„Секој ден кога доаѓам на работа јас сум свесен дека може да е последен ден од политичка гледна точка, од функција министер, и затоа секој ден ми е со ангажман за да може да го исполнам со решавање на проблеми или креирање на нова вредност во здравствениот систем. Ова е институционално прашање, не е лично прашање, бидејќи јас не аплицирав, немаше конкурс за да аплицирам да станам министер, туку ова е политичка функција, институционална, и институциите треба да одговорат кој ќе биде на чело на едно министерство, во случајот на Здравство“,
кажа министерот.
Тој вели дека Здравство е сензитивен сектор од огромно значење и ќе се радува на секој што би ги продолжил проектите.
„Кој и да ги продолжи овие процеси, јас секој ден ќе се радувам како дете заедно со тој што ќе го води ресорот бидејќи ние, секој од нас, и вие како новинари, и јас како министер, и како човек, и како родител, имаме обврска кон нашето општество, кон нашите деца и семејство, кон државата, да дадеме придонес таму каде што можеме. Придонесот може да е физички, интелектуален, менаџерски но јас верувам дека секој од нас како граѓани мора да дадеме придонес, дали тој придонес ќе биде како министер, дали ќе биде како експерт, дали ќе биде како професор. Како и да е, ние имаме обврска и овие се вредности кои треба да не носат цел живот. Јас имам обврска кон луѓето кои веруваат во мене, јас нема да застанам тука ако сум или не сум министер за здравство. Јас од 2017 година активно се занимавам со политика, тогаш во тој период за да помагам, но денеска, од оваа перспектива, после девет години активно учество во политиката, јас во политиката сум за да променам нешто, а не да дадам поддршка. Можеби функциите не зависат од мене, но политичката активност што ја имам и вредностите што ги носам, зависат од мене и тие не може никој ниту да ми ги даде ниту да ми ги земе. Јас ќе продолжам понатаму во ова општество да придонесувам на начин на кој ќе ми биде возможно тоа да го направам“,
рече Алиу.
Инаку, премиерот Христијан Мицкоски најави дека кон средината на следната недела ќе се знаат персоналните решенија и промени на ресорите во рамки на планираната реконструкција на Владата.
Од ЗНАМ денеска посочија дека нема конечен договор за владината реконструкција.
Претходно вицепремиерот Беким Сали во гостување на „360 Степени“ кажа дека генералната усогласеност меѓу коалициските партнери е дека можат да се менуваат и имиња и ресори.
