Портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, не одговори конкретно на прашањето дали со владината реконструкција движењето ЗНАМ би го изгубило Министерството за правда ниту, пак, што партијата бара за возврат за да го напушти овој ресор
Нема конечен договор за владината реконструкција. На маса се сите отворени теми, а разврска очекуваме кон средината на следната недела. Ова денеска го изјави портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, прашан до каде се преговорите за владината реконструкција и дали коалициските партнери ги договориле промените.

„Ние имавме неколку средби на партиско-лидерско ниво и преговарачките тимови континуирано разговараат помеѓу ЗНАМ и преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ што го предводи премиерот Христијан Мицкоски. На маса се сите отворени теми. Нема конечен договор за ниту едно прашање. Разговорите во континуитет продолжуваат во следните денови и очекуваме разврска на сите настани кон средината на следната недела“,
изјави портпаролот на ЗНАМ на денешната прес-конференција.
Мемов не одговори конкретно на прашањето дали со владината реконструкција движењето ЗНАМ би го изгубило Министерството за правда ниту, пак, што партијата бара за возврат за да го напушти овој ресор.
„Пред две години движењето ЗНАМ беше покането од страна на ВМРО-ДПМНЕ да учествува во Владата со свои кадри, имајќи ги во предвид изборните резултати, но и кадровскиот потенцијал и искуство што може да го даде во Владата. Оттаму, ние не сме тие кои бараа да влезат во Владата, туку бевме поканети да влеземе во Владата“,
изјави тој.
На прашањето дали смета дека анализата на работата на министрите може да биде причина за промена во одредени ресори, или дека промената ќе се врши врз основа на други фактори, Мемов вели:
„Во разговорите се прави анализа и евалуација на работата на сите министри. Ова не е испитување и оцена на министрите на ЗНАМ од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Значи, се прави анализа на работата на сите министри во Владата и генерално работата на Владата и спроведувањето на владината програма. ЗНАМ во Владата влезе не заради задоволување лични амбиции и задоволување кадровски решенија од ЗНАМ, туку заради остварување на програмските определби и цели на партијата кои се составен дел на владината програма.“
На прашањето дали постои можност ЗНАМ да не постигне конечен договор со ВМРО-ДПМНЕ, тој вели:
„Сите опции се отворени.“
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека кон средината на следната недела ќе се знаат персоналните решенија и промени на ресорите во рамки на планираната реконструкција на Владата.
