Ова во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 го обзнани првиот вицепремиер, министер за економски прашања и генерален секретар на Влен, Беким Сали, потврдувајќи дека освен за нови имиња, меѓу владините партнери се разговара и за ротација на ресори

Првиот вицепремиер, министер за европски прашања и генерален секретар на Влен, Беким Сали, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 рече дека при преговорите за реконструкција на Владата што се во тек, Влен ќе има освежувања во своите редови.
Засега е извесно дека две имиња ќе ги нема во реконструираната влада. Арбен Фетаи даде оставка од вицепремиерското место за добро владеење, како и Фатмир Лимани, министерот за социјална политика, демографија и млади, со оглед на неговото разидување со неговата поранешна партија Беса, сегашна Влен.
На прашањето дали треба да се очекуваат промени во делот на кадровските решенија, Сали одговори потврдно.
Сали: Па, сигурно тие две имиња што ги споменавте ќе се надополнат со нови две имиња. Сигурно ќе има освежување од страна на Влен во екипата, а за другиов дел останува сè уште отворено. Значи, разговараме за можностите – имињата да се менуваат или, пак, позициите како ресори.
360°: Тоа премиерот исто го потврди, дека разговарате и за евентуална ротација на ресори.
Сали: Да, можна е и ротација, затоа што одредени имиња со кои ние располагаме во нашите човечки капацитети, може да не се усогласат во некој ресор што го имаме моментално, меѓутоа може да бидат експерти или, пак, доволно со капацитет да можат да управуваат со одредена институција, одредено министерство во овој период што ни останува.
360°: Значи, Влен се согласува со тој пристап дека е можна и промена на ресори?
Сали: Да, генералната усогласеност меѓу коалиционите партнери е дека можат и имиња и ресори да се менуваат.

Влен во актуелниот состав на Владата држи седум позиции со шест имиња, со оглед дека токму Беким Сали има две функции – прв вицепремиер и министер за европски прашања. Па, го прашавме дали и во новата влада Влен ќе има седум позиции и шест имиња.
Сали: Па, и тоа е дел од преговорите. Значи, тоа е дојдено како резултат на одредени околности во што требаше така да се одлучи. Сега веќе кога се отвора можноста да се преговара повторно за новиот формат на Владата, мислам дека е дел од преговорите и ова што го велите. Значи, дали ќе бидат седум позиции на шест извршители или, пак, ќе остане во друг формат, сè е дел на преговори. Исто така, во втора фаза ќе бидат и заменик-министри, значи и тука ќе има одредени имиња што можат да ротираат, може да се менуваат и позициите итн. Потоа ќе продолжиме и во извршната власт во делот на поголемите институции, односно директорски позиции.
360°: Се зборува за тоа дека ресорот здравство е дел од комбинациите што се разгледуваат. Таму сега е кадар на Влен, Азир Алиу. Една варијанта што се спомнува е дури вие лично од министер за европски прашања да одите да го раководите ресорот Здравство. Да се потсетиме, вие веќе бевте на чело на тој ресор во времето на претходната влада. Може ли да потврдите дека здравство е дел од преговорите меѓу владините партнери?
Сали: Па, за повеќе ресори се зборува дека може да има промени, вклучувајќи ги здравство и европски прашања и останатите министерства што моментално ги управуваме ние како Влен. Значи, не сме фиксирани на одредена позиција за да кажеме – тука мора да останеме. Секако, тоа е врз основа на резултати што се покажани во изминатиов период. Две години се сосема доволни да се покаже дали одредено име или одредена политичка партија има внатрешни капацитети да управува и да ја оправда довербата што е дадена на таа структура.
360°: Вие лично би се нафатиле ли да бидете повторно министер за здравство? Вие сте стоматолог, патем.
Сали: Значи, сè е отворено, не можам ни да негирам ниту, пак, да потврдам дека е така, дали ќе биде во иднина, затоа што тоа е сè дел на преговори. Тоа е моментум во кој ќе треба да се усогласат сите ставови на сите три коалициони партнери. И отворени се можностите, значи не негирам дали ќе биде или не, меѓутоа досега нема ништо конкретно во делот на преговорите. А дека имаше најави, односно некои текстови во различни портали дека постои таква можност – имаше, меѓутоа ги негирам тие, затоа што по порталите се вртеа имиња и различни и во други ресори. Мислам дека е во делот на шпекулациите. Да оставиме преговорите да течат во нормален тек и да има кадри што ќе оправдаат доверба за следните две години.
360°: Економија останува кај Дурмиши?
Сали: Па, мислам дека перформансот на министерот беше добар досега.
360°: А животна средина кај Хоџа?
Сали: Значи вака, засега мислам дека двајцата министри ги покажаа нивните капацитети и дека можат да продолжат. Не го велам ова ни за Здравство ни за другите дека не покажале. Министерот Азир Алиу се покажа посветен и во здравство и дека може да понесе товар што, сите се согласуваме, здравството е специфично и е покомплексно министерство. И мислам дека одлично се снаоѓа и управува со сите предизвици што се појавуваат во здравството. Тоа се менаџирање со ресурси и институции на дневна основа. Здравството не можете вие на долг рок да го испланирате како што се на пример европски прашања. Тоа е процес што се следи секој ден, меѓутоа нема изненадувања, условно кажано. Во здравството е поспецифично и министерот Азир Алиу се покажа многу добар и успешен. Значи да не се разбереме погрешно, не се зборува само за кадарот дали ќе биде или нема да биде, туку тоа се политиките што треба владата во идниов период од две години да ги реализира преку одредени министерства.

Сали рече дека Влен сака да го задржи ресорот социјала бидејќи, како што рече, имаат кадар и умеат да го менаџираат. Сепак, потенцира дека и за ова прашање се отворени можностите.
На прашањето какви информации има за преговорите на другиот коалициски партнер ЗНАМ и дали може да се очекува нов кадар во ресорот Правда со оглед дека јавна тајна е дека Министерството за правда е дел од преговорите, Сали рече дека е очекувано таму да има промена.
Сали: Мислам дека е очекувано, меѓутоа не можам да навлезам во детали во кој правец ги развиваат преговорите и како разговараат, кои се размислувањата на коалициониот партнер ЗНАМ. Меѓутоа, очекувано е таму да има некоја промена што ќе рефлектира повеќе ангажман.
360°: Со нов кадар на ЗНАМ или со нов кадар од друг партнер?
Сали: Е, тоа останува да се дискутира, дали ќе има нов кадар или, пак, ќе биде ротација на ресор.
Во однос на ресорот што го води, Европски прашања, Сали рече дека е епицентарот на сите случувања, но не кажа дали некој е заинтересиран за него.
360°: Точно ли е дека никој не го сака Европски прашања?
Сали: Па, немам информација за тоа дали некој го сака или не го сака.
360°: Вие би си останале ли во тој ресор?
Сали: Европски прашања е министерство со голем предизвик, затоа што ние координираме меѓу другите институции и комуницираме со Европска комисија за исполнување на очекуваното што го имаме како задача. Тоа реално би испаднало како ние да сме епицентарот на сите случувања, меѓутоа ние само координираме меѓу едната институција и повеќето наши институции во државата.
360°: Но, тоа што сте министер за европски прашања ве прави таргет на опозицијата, да ве прозива често дека интегративниот процес е закочен, дека нема пристапни преговори…
Сали: Па, можеби затоа вие велите дека никој не го сака тоа министерство, затоа што сте често прозвани, а де факто вие сте координатор на целиот процес. Мислам дека ние во оваа влада дадовме максимум за да се придвижат работите кон позитивно, да се реализираат доста работи, да се исполнат очекувањата и на јавноста кај нас и на меѓународниот фактор, да се исполнат очекувањата и процесот на интегрирање да се придвижи и да се забрза. Динамиката е зголемена, значи сметам дека граѓаните, јавноста, се запознаени за ангажманот на Владата, на нас како министерство и на другите институции што се поврзани со реформската агенда и планот за раст за исполнување на тие очекувања што долго време ги чекаше и јавноста и Европската комисија од нас како држава што сме претенденти еден ден да бидеме дел од Европска Унија.
На прашањето дали Влен ќе го задржи вицепремиерското место за добро владеење, Сали одговори – засега да, меѓутоа ќе ги видиме можностите.
„Значи, тоа е позиција што претходниот заменик-премиер Арбен Фетаи ја оправда со работата што ја работеше за добро владеење. По неговата оставка остана местото празно, меѓутоа можеме да го исполниме затоа што имаме добар кадар за таму, за таа позиција. Меѓутоа сепак преговорите како ќе течат, во кој правец, дали ќе се добие некое министерство со ресор, а да се даде вицепремиерското место за добро владеење – остануваме отворени за тој дел“,
рече првиот вицепремиер.

Сали смета дека процесот на реконструкција на Владата брзо ќе заврши и дека предлогот за кадровските промени ќе биде во Собранието до 1 јули, како што најави премиерот.
„Да, јас мислам дека да. Брзо ќе треба да се заврши тој процес, затоа што и реално и немаме многу време за да преговараме, да наоѓаме тоа што реално го имаме пред себе. Значи, сите можни имиња се на маса, да ја видиме поголемата слика како ќе функционира Владата, да дадеме што повеќе резултати кон граѓаните и тоа е тоа“,
смета тој.
Ова е прв тест за кохезијата во политичката партија Влен по нејзиното обединување од неколку различни политички субјекти. Сали вели дека е убеден дека успешно ќе го надминат и овој процес, со оглед на искуството од локалните избори кои биле покомплексни.
